1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бразил станува „Божја држава“

Астрид Пранге Де Оливеира/Б. Георгиевски1 април 2013

Црквата во Бразил има големо влијание врз политичкиот живот. Причината делумно лежи и во големата конкуренција меѓу Католичката и бројните евангелистички цркви. Веќе не се работи само за верата, туку и за гласачите.

https://p.dw.com/p/186GR
Фотографија: picture-alliance/ZB

Бразил е држава во која и во Уставот се гарантира одвоеност на црквата од државата, но прашањето на верата станува се’ поважно за многу Бразилци. Околу 90 проценти од 200 милиони жители на земјата се сметаат за христијани, а половината од нив редовно одат во црква. Затоа црквата е важна политичка бина, особено за челниците на независните евангелистички цркви. И покрај верските чувства, дури и во Бразил се крена многу прашина кога на почетокот на месецов, евангелистичкиот свештеник Марко Фелициано беше именуван за претседател на парламернатиот одбор за човекови права.

Фелициано е проповедник и е на чело на заедницата на новородените христијани. Верниците и јавноста ги привлекува со честите, изразено конзервативни гледишта, а особено ги напаѓа хомосексуалците. Нив ги обвинува дека сакаат да го уништат „светото бразилско семејство“. Фелициано ги напаѓа и државните органи доколку премногу отстапуваат од христовото учење, односно од учењето онака како што тој го разбира.

Изјавите на овој свештеник се добро познати и во Бразил и во странство. Поради неговите ставови одржани се бројни протести, неодамна дури и во Берлин, а бразилската влада редовно се дистанцира од неговите ставови за малцинствата. Но сепак, токму тој е човекот кој сега од името на бразилскиот парламент ќе ја надгледува состојбата со човековите права.

Голем број свештеници од независните цркви ги користат истите и за да ги уверат своите верници да гласаат за нив, за да го одведат Бразил на патот на „Божјата држава“. Уште на почетокот на 90-те години околу 30-ина проповедници седеа во парламентот, денес нивниот број е 73. Ако на таа бројка се додадат и пратениците на конзервативните католички партии, тие заедно располагаат со 192 пратеници или околу 40 проценти од бразилскиот парламент.

Brasilianischer Abgeordneten Marco Feliciano
Марко ФелицианоФотографија: José Cruz/ABr

Битка за превласт

Но, меѓу припадниците на независните и на католичката црква во Бразил воопшто не владее голема слога. „Новите“ цркви го сакаат истото влијание кое во земјата го има и „официјалната“ католичка црква, објаснува Кристина Витал која објави студија на оваа тема. „Тој натпревар се пренесе од црквата во политиката, бидејќи политичката моќ гарантира и присутност во јавниот живот“, вели Вител.

Таквата реклама за нивните цркви на политичката бина се покажа успешна. Се’ повеќе Бразилци и‘ вртат грб на католичката црква и ги следат проповедите во новите цркви. Од почетокот на овој век до 2010 година, според официјалните статистики, бројот на верници во евангелистичките цркви пораснал од 15 на 22 проценти, а кај католиците се намалил од 74 на 68 отсто. Тоа не е проблем само во Бразил, бидејќи новите цркви наоѓаат се‘ повеќе следбеници и во другите јужноамерикански држави.

Секако причината за таквата борба за верници не е само желбата на проповедниците да го поведат Бразил на патот кон „Исусократија“, туку и парите и општествената моќ. Католичката црква, која уште од времето на португалското колонијално владеење беше единствена призната, се‘ уште е надлежна за веронауката во училиштата и верска утеха во затворите и болниците.

Прекин на доминацијата

Франк Усарски од католичкиот универзитет во Сао Паоло објаснува дека новите реформирани цркви сакаат да ја променат таа доминација на католичката црква и ги бараат и за себе истите права. „Бидејќи, и тие сега располагаат со милиони верници кои верно ги слушаат нивните проповеди и одат во нивните цркви“.

The Universal Church of the Kingdom of God Brasilien
Евангелистичка црква во БразилФотографија: picture-alliance/Godong

Се‘ додека не успеат во тоа ќе продолжи и борбата за поголемо влијание на црквата во политичкиот живот, како и борбата за верниците. Дали тоа ќе го одведе Бразил во некаква теократија или христијанска копија на Иран, е тешко да се каже, затоа што донекаде Бразил тоа веќе е. И покрај тоа што во Уставот пишува дека Бразил е граѓанска држава, во преамбулата од 1989 година неговите творци се повикуваат и на „Божја заштита“. И на банкнотите од бразилската валута реал, исто како и кај американскиот долар се испраќа порака до Бога. На доларот пишува „Веруваме во Бога“, а на бразилскиот реал „Го славиме Бога“.