1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бразил станува светска економска сила

4 јануари 2012

Бразилците гледаат кон иднината посигурни и посамоуверени од кога било порано. Економијата доживува бум, невработеноста падна на рекордно ниско ниво.

https://p.dw.com/p/13dJC
Фотографија: picture-alliance/dpa

Перспективата на Бразил е сјајна: со огромни резерви пред брегот, земјата веќе до 2020 година може да стане еден од петте водечки светски производители на нафта, а под полна пареа се одвиваат и неопходните инвестициони зафати во врска со организацијата на Светското првенство во фудбал во 2014, како и на Олимписките игри 2016.

Добри вести се редат во серија: до минатиот ноември се создадени 2,3 милиона нови работни места, стапката на невработеност падна на 5,2 проценти. Извозот во 2011 година порасна за 24 проценти и достигна вредност од 250 милијарди долари. Долгот на државата изнесува 55 проценти од бруто-домашниот производ, а новото задолжување само 2,5 насто. Со такви вредности, според критериумите од Мастрихт, во ЕУ земјата би била пример за углед.

Бразил економски ја надмина Велика Британија, наскоро и Франција и Германија

„Во првата година од мандатот на Дилма Русеф како претседател на Бразил, приходите од данок се подобри од планираното“, констатира рејтинг-агенцијата „Стандард и Пурс“, кога лани во ноември го крена бонитетот на Бразил на досега највисоко ниво: „тројно Б“ за долгорочни кредити во странска валута и „А минус“ за кредити во домашна валута. Класификацијата на Бразил кај оваа агенција се изедначи со класификацијата кај агенциите „Фич“ и „Мудис“.

Dilma Rousseff
Дилма РусефФотографија: AP

Згора на се’, британскиот печат неодамна објави дека Бразил ја надмина Велика Британија и стана шеста по големина економска сила во светот. До 2020 година Бразил треба да ги надмине и Франција и Германија, прогнозира институтот Центар за економски и бизнис истражувања. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) процени дека веќе во 2015 година Бразил ќе ја потисне Франција од петтото место. Министерот за стопанство Гидо Мантега смета дека тоа може да се случи уште побргу, оти стопанството на неговата земја расте со двојно повисока стапка отколку во европските земји.

Но, по 7,5 проценти во 2010, предвидувањата за порастот на бразилската економија во 2011 година се движат од 3 до 3,5 проценти, а прогнозите за тековнава година се 3 насто.

Во што е тајната на успехот?

Континуитетот е дел од причините за успехот, смета Карлос Пио, економист од Универзитетот на Бразилија: „Актуелната состојба ги отсликува историските добивки на последните 15 години, оти ни Лула, ни Дилма Русеф не извршија никакви радикални промени на стопанската структура, што ја презедоа од владата на Фернандо Енрике“.

Земјата профитира од монетарната стабилност. Во 1994 со таканаречениот „Плано реал“ е победена инфлацијата. Тој успех придонесе тогашниот министер за финансии Фернандо Енрике Кардозо уште истата година да стане претседател на Бразил. Кога во 2002 некогашниот синдикалец Луис Инасио Лула да Силва дојде на власт, беше доволно мудар да ја продолжи економската политика на својот претходник и дополнително да ги реализира своите социјални програми.

Со прераспределбата на пари преку социјалните програми и со покачувањето на минималната надница на 65 проценти од просечната, од 2002 година во земјата е создаден нов внатрешен пазар. Помеѓу 2003 и 2009 година речиси 30 милиони жители напредуваа над границата на сиромаштија и станаа силни потрошувачи на средства за животни потреби, но и на мобилни телефони, автомобили и електрични апарати. Владата на поранешниот претседател Лула овозможи поповолно кредитирање за купување недвижности, што предизвика бум на градежништвото. „Кредитирањето на недвижности само во 2011 година порасна за 46 проценти“, со задоволство извести министерот Монтега.

Бразилците и‘ се чудат на Европа

Втор столб на економскиот успех е големата потреба од суровини во светот, пред се’ во Кина, а Бразил е еден од најголемите извозници на суровини. Нафта, железо, соја - речиси се’ што и’ е потребно на Кина, го има во Бразил, па таа во меѓувреме стана негов најважен трговски партнер, потиснувајќи ги САД и Аргентина.

Brasilien Konsum Mindestlohn
Пораст на внатрешната потрошувачка во БразилФотографија: AP

Трето можно објаснение на бразилскиот успех е стабилноста на финансискиот и банкарски систем. Уште кон крајот на 90-ите години, кога им дојде крај на шпекулативните добивки до кои се доаѓаше едноставно поради високата инфлација, и дел од банките западнаа во тешкотии, Бразилците воведоа строга контрола на банките, каква што Европејците сакаат сега да наметнат. Оттогаш бразилската централна банка бара од деловните банки да имаат сопствен капитал од 11 проценти. За споредба, Европејците лани во октомври го кренаа тој индекс на 9 проценти.

Бразилците со вчудовидување и загриженост гледаат кон Европа - вчудовидување оти многумина не сфаќаат како можеше „стариот континент“ да западне во толку ризична должничка криза, а загриженост оти ЕУ и натаму е важен трговски партнер. „Претседателката укажа на тоа, дека некои од мерките предложени сега во развиените земји, во Бразил беа спроведени уште пред 20 години и имаа фатални влијанија. Кај тие мерки, предложени од ММФ, работниците мораа платат, а не тие кои ја предизвикаа кризата. Такви решенија беа овде презентирани, спроведени и се покажаа промашени“, вели Марко Аурелио Гарсија, владин советник за меѓународни прашања, во врска со барањата што им ги поставуваат ЕУ и ММФ на земји како презадолжената Грција.

Автор: Надја Понтес/Алехандре Шлослер/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска