1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бранот бегалци ја подели Европа

11 април 2011

Со цел да се надмине спорот меѓу Италија и останатите членки на ЕУ околу белалците на островот Лампедуза, денеска (11.04.) во Луксембург се среќаваат министрите за правда и за внатрешни работи на ЕУ.

https://p.dw.com/p/10r9W
Фотографија: picture alliance/dpa

Европа се наоѓа на крстопат, оценува италијанскиот премиер Силвио Берлускони. Одбивањето на Германија и Франција да и’ помогнат на неговата земја во актуелната криза со бегалците од Африка, ја става под знак прашање целата ЕУ. „Европа или е нешто конкретно и реално или, пак, не постои. Во тој случај подобро е повторно да се разделиме и секоја земја да го следи својот егоизам и своите стравови“, драматично порачува Силвио Берлускони.

Дека Берлускони е сериозен и дека на станува збор само за крупни зборови на еден темпераментен политичар од југот на Европа, покажува и конкретната закана на неговата влада дека ако Европејците не покажат солидарност, тогаш италијанските власти ќе им издаваат визи на бегалците од Африка, со кои тие ќе можат да патуваат во Франција, Германија, Белгија и други земји од шенгенскиот простор. Политичарите од овие земји ги карактеризираат најавите од Рим како директна уцена.

„Тоа е европски проблем и не се однесува само на 25-те илјади мигранти, кои веќе ги прифативме. Ќе доаѓаат уште, сметаме на нови бегалци посебно од Либија, која е зафатена од граѓанска војна“, оцени премиерот Силвиот Берлускони.

Italien Flüchtlinge auf Lampedua Ministerpräsident Silvio Berlusconi
Силвио Берлускони при посетата на бегалците на ЛампедузаФотографија: AP

Засилени контроли на границите со Италија

Меѓутоа, европските соседи на Италија се плашат дека голем број нелегални мигранти ќе доаѓаат и од Тунис. Со оглед дека и тие, како и повеќето бегалци од Северна Африка, зборуваат француски, властите во Париз гледаат директна опасност од бран нелегални имигранти, кои ќе ги оптоварат социјалните каси. Поради тоа француските власти веќе воведоа контроли на границата со Италија, иако тие беа укинати со потпишувањето на Шенгенскиот договор. И Австрија и Швајцарија, како земји од Шенгенскиот простор, ги заострија контролите на границата со Италија. Министерот за внатрешни работи на јужната германска покраина Баварија, исто размислува за воведување контроли на границите со Австрија. Германскиот министер за внатрешни работи, Ханс Петер Фридрих, пак, оцени дека Италија го крши духот на Шенген.

Еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија Малмстром спроти денешната средба со колегите од земјите-членки повика на солидиарност:

„Европската комисија ги моли земјите членки да покажат солидарност со овие луѓе. Целата ЕУ се надева дека властодржецот Гадафи ќе замине, но до тој момент ќе има бегалци и за тие луѓе треба да се погрижиме. Се надевам дека членките на Унијата ќе се обврзат на тоа“, порача еврокомесарката Сесилија Малмстром.

Автор: ГЧ/ТТ/ард, дв

Редактор: Трајче Тосев