1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бран“ и во ДУИ за подобар рејтинг пред локалните избори?

Свето Тоевски8 мај 2012

Пред крајот на минатиот месец ДУИ ја отвори постапката за оценување на активностите на своите министри, заменици-министри и сите други функционери во државните органи и институции.

https://p.dw.com/p/14rYo
Фотографија: DW/S. Toevski

Сите имаат поднесено извештаи како работеле во изминатите шест месеци. На 12-ти мај годинава Генералниот совет на партијата ќе расправа за нивните отчети. Започнаа и новите внатрешно-партиски избори во сите ограноци, како што е наведено, „со цел да се овозможи вклучување нови луѓе во партиските структури, кои ќе можат да дадат драгоцен придонес кон унапредувањето на политичките процеси“.

„Ќе се разгледуваат успесите и неуспесите“

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи категорично тврди дека „новиот бран“ и во неговата партија не е наложен, ниту побаран од ВМРО ДПМНЕ.

„Одлуките што ги донесува ДУИ се независни од другите партии. Нејзините органи и структури сами ги проценуваат потребите за кадровски освежувања. Работата на нашите функционери ја следиме од првиот ден на новиот мандат. Нивните писмени извештаи и анализата на Комисијата, формирана од партијата, која ја следи нивната работа, ќе бидат разгледани на седницата на Генералниот совет. Ќе бидат разгледани успесите, односно неуспесите на сите функционери. Ќе се проценува успешноста на институцијата која ја водат, задоволството што го имаат граѓаните кон нив, но и реализацијата на партиската програма со акцент на правичната застапеност и на употребата на јазикот“, објаснува Османи за Дојче веле.

Talat Dzaferi Abgeordneter im mazedonischen Parlament
Талал Џафери уверува дека промените не се козметичкиФотографија: DW

Талат Џафери, координатор на собраниската пратеничка група, уверува дека промените не се козметички.

„Новиот бран во ДУИ не е само ’козметика’. Веројатно, тој ќе донесе нови луѓе, нови идеи. Тој треба суштински да влее една нова енергија, која ќе ги стави луѓето во ситуација поагилно да ја извршуваат функцијата што ја имаат. Членството тоа отсекогаш го барало и ќе го бара“, вели Џафери.

Дојче веле го праша Османи: колку функционери ќе бидат заменети? Дали ќе има смени на некои од министрите?

„Не можеме да шпекулираме со таква бројка. Тоа ќе зависи од анализата и од расправата на Советот, кој би можел да одлучи и никој да не биде сменет. Дали ќе има промени на министрите во владата ќе зависи од проценките на лидерот Ахмети, но и на органите на партијата“, објаснува Османи.

„Со компетентни, некорумпирани и некомпромитирани кадри во власта“

Осман Кадриу, професор по уставен и политички систем на универзитетот ФОН во Скопје за Дојче веле коментира дека „ваквите потези се сосема нормални и логични“.

„Но, прашање е дали ќе бидат погодени тие кадровски промени, дали ќе бидат заменети со подобри или всушност повторно нема да има резултати? Или можеби ќе има уште полоши резултати? Со оглед на проблемите со кои се соочува Македонија, партиите мораат да се насочат кон способни, соодветни и компетентни кадри, кои ќе бидат некорумпирани и некомпромитирани. Само со такви кадри ќе може да се остваруваат функциите на парламентарната, судската и извршната власт. Ако и во новата кадровска политика се случат промашувања, тогаш ќе не очекуваат проблеми уште посериозни од овие што ги имаме. Тогаш состојбата ќе биде мошне тешка, но не и безизлезна“, смета професорот Кадриу.

Mala Recica Tetovo
Партиското седиште на ДУИ во Мала РечицаФотографија: DW

Независниот политички аналитичар Ибрахим Мехмети смета дека „начинот како се прават овие последни промени отвора простор за сомнеж во вистинските цели“.

„Ова личи на некоја кампања што има за цел да ги подобри позициите на политичките партии, а не толку за некои вистински корекции, било кадровски, било системски. Во јавноста е неизбежен впечатокот дека ова е поврзано со претстојните локални избори. Тоа се прави на ниво на коалициона влада. Значи, двете главни коалициони партии постапуваат синхронизирано - со помпа. Не верувам дека ќе видиме големи промени, не се работи за некоја генерална реформа во ДУИ и не очекувам дека кадровските промени ќе донесат некакви капитални новини“, заклучува аналитичарот Ибрахим Мехмети.