1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бран омраза кон странците во Египет

Матијас Зајлер / Б. Георгиевски16 јули 2013

Египет е поплавен од бран омраза кон странците. Не само кон Американците, преодниот воен режим поттикнува ксенофобија и кон бегалците од Сирија и Палестина, кои се обвинети за насилствата во земјата

https://p.dw.com/p/198jR
Фотографија: picture-alliance/dpa

На странците во Египет воопшто не им е лесно. Медиумите шират омраза против нив, а владата досега не презеде ништо за да ја смени таквата ситуација. Тоа, пак, многумина Египќани наведува на натамошна сомничавост кон странците, па дури и физички напади. Бесот во прв ред е вперен кон САД. Тоа јасно се гледа и на протестите. Без разлика кој ги организира (исламистите или нивните противници), на демонстрациите се редовно присутните безбројни транспаренти на кои се напаѓа американскиот претседател Барак Обама. На некои плоштади низ земјата можат да се видат и огромни транспаренти на кои се навредуваат САД.

Сите се лути на САД

Анти-исламските групи им префрлуваат на САД дека предолго го поддржувале режимот на Мохамед Мурси. Од другата страна, пак, исламистите се лути затоа што Вашингтон им ја откажа поддршката на Мурси и на Муслиманските браќа. Египќаните најчесто се опседнати со теории на заговор.

Proteste Kairo
Протести на приврзениците на експретседателот МурсиФотографија: MAHMUD HAMS/AFP/Getty Images

„Веќе имавме демократија, но војската не ја сакаше. Војската не можеше да го отфрли притисокот од САД и Европа, кои не сакаа Мурси да остане на власт. Тоа не беше во нивен интерес“, вели Мохамед Хасен, еден од водечките исламисти.

Уште повеќе отколку кон Американците, бесот на локалното население е насочен кон бегалците од Сирија и Палестина. По првите насилни судири меѓу Муслиманските браќа и неисламистичките демонстранти, овие две групи добија улога на жртвено јагне. Војската и силите за безбедност тврдат дека сириските бегалци од припадниците на Муслиманското братство добиле пари за да пукаат врз исламските демонстранти и војската. Ваквите наводи ги прифатија и приватните медиуми, па и тие се вклучија во кампањата на ширење омраза против Сиријците и Палестинците.

Војската како спасител

Ситуација е дотолку подраматична, доколку се знае дека за време на владеењето на Мурси Сиријците можеа да влегуваат во земјата без визи. За Муслиманското братство тоа не беше проблем, но во меѓувреме тоа се смени. Новите власти преку ноќ воведоа визи за Сиријците, па сега оние кои веќе се наоѓаат во земјата се плашат да ги напуштат своите домови за да не бидат депортирани, додека оние кои тргнале на пат кон Египет се враќаат од аеродромите.

Proteste gegen Barack Obama in Kairo Ägypten
Протести против Барак Обама во КаироФотографија: picture-alliance/dpa

Повеќе не се добредојдени ниту Палестинците. Тие се под сомнеж оти се во директна врска со Хамас, која пак соработува со Муслиманското братство. За насилството во Египет, медиумите најчесто го обвинуваат токму Хамас.

Актуелниот воен режим преку ваквата стратегија на ширење омраза кон странците, фактички со еден удар „убива две муви“. Од една страна, на тој начин се претставува како спасител на земјата од странските сили кои го загрозуваат Египет, а од друга, полесно можат да се оправдаат и релативизираат убиствата на исламистите, а вината да се префрли врз Сиријците и Палестинците.