1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Браќата Азиз и Алил Вардар го освојуваат Париз

14 април 2009

Браќата Вардар, по потекло од Македонија, ја продолжуваат легендата на париските спектакли, низ актерство и добра организација. Благодарејќи на нивната храброст театарот „Палас“ го врати сјајот од 1923 година.

https://p.dw.com/p/HW8J
Двајца македонски уметници во ПаризФотографија: Toni Glamcevski

На неколку чекори од Големиот булевар се наоѓа тетарот „Палас“, поточно на бројот 8 на Монтмартр. На прв поглед зградата нема ништо посебно, надворешната архитектура е специфична за сите згради од дваесетите години на минатиот век, кога беше изграден театарот.

Деца на имигранти кои успеаа во животот

Во една песна Шарл Азнавур пее „Се гледав веќе високо на плакатите...“ И навистина, имињата на браќата Алил и Азиз Вардар се наоѓаат високо на фасадата на тетарот „Палас“, исто како и во песната на Азнавур. Исто како и Азнавур и тие се деца на имигранти кои успеаа во животот.

Азиз и Алил се скромни и отворени за разговор. Тие не оставаат впечаток дека во моментов се едни од најпознатите лица во Париз. „Кога дојдовме овде со Азиз пред околу три години од кои две и пол години ги поминавме во работа, се најдовме како во една вистинска бетонска дупка во која сé требаше да се направи одново за да се врати стариот сјај. Четириесет лица работеа секојдневно на реставрацијата на тетарот,“ раскажува Алил.

Das Theater Palace in Paris
„Палас“ блесна во стариот сјајФотографија: Toni Glamcevski

Тие не се задоволија само со поправка на театарот, го обновија „Палас“, таков како што беше во 1923 на денот на неговото отворање.

„Единствената грешка која ја направивме е што започнавме на југот на Франција, каде имавме театар во Тулуз, потоа во Монтпелје и Авињон. Откако ја напишав претставата „Кланот на разведените“, нејзиниот успех за четири години ни дозволи да ги купиме „Палас“, „Гранд Комеди“ и „Ла Комеди Републик“ во Париз.“

Патот до успехот во парискиот микрокосмос не беше лесен

„Нема многу луѓе кои доаѓаат од Македонија, згора на тоа и Албанци по потекло, со сите клишеа и прашања кои Французите можат да си ги постават околу нив. Луѓето уште помалку сфаќаат дека ние се наоѓаме и работиме во културата, односно тие не очекуваа луѓе како нас. Повеќе би не очекувале, и би биле задоволни да не видат во едно ѕидарско претпријатие, отколку во еден театар.“

Но, двајцата браќа имаат голема слабост кон уметноста, театарот и комедијата се составен дел од нивниот живот.

Das Theater Palace in Paris
Театарот „Палас“Фотографија: Toni Glamcevski

„Неодамна во едно интервју реков дека дваесет години плаќав поради тоа што сум Албанец во мојата професија, сега започнувам да имам корист од тоа. Азиз и јас успеавме да оставиме впечаток во парискиот микрокосмос, многу поразличен од тој кој што се има за сите луѓе по потекло од Балканот. Тоа за нас е важно, но и за сите други. Ние ги отворивме вратите за другите. Кога велам дека дваесет години плаќаме за ова, тоа е вистина. Многумина нашиот успех го резимираа со мрачни активности. Но, треба да се знае дека секоја вечер играм во тетарот, и згора на тоа улога на жена, Ал Капоне не се преоблекуваше секоја вечер за да игра во театар.“

Едниот е уметник, другиот организатор

За тоа која е разликата меѓу браќата Вардар, објаснувањето ни го даде Азиз. „Алил е уметник и талентиран автор на претставите, зад него стојам јас, Азиз, кој се грижи за логистиката. Поточно, за сé она што уметникот не знае да го прави па и кога е многу надарен. Ние си ги поделивме одговорностите, Алил е всушност видливата страна на ’ајсбергот’.“

Браќата Вардар беа принудени да ги купуваат салите за да работат, бидејќи сопствениците не сакаа да ги стават на репертоар нивните претстави. Имено, нивните имиња и презимето звучеа поинаку. Азиз со задоволство ја раскажува анегдотата за нивниот прв театар, што го презедоа пред петнаесет години. Тогашниот раководител одбиваше да ја стави на репертоар нивната претстава со објаснување дека неговиот театар не сака да стане „збиралиште на Албанци!“.

„На крајот ние го купивме театарот. Тетарот не се претвори во збиралиште на Албанци, туку збиралиште на театарски работници вљубени во комедијата. „Палас“ е тринаесетта театарска сала која ја презедовме во изминативе петнаесет години.“

Топлината на родниот крај

Zwei Mazedonische Künstler in Paris Asis und Alil Vardar
Двајца македонски уметници во ПаризФотографија: Toni Glamcevski

Двајцата браќа гледаат напред, но, не ги забораваат нивните корени во Македонија, неодамна беа во родното село на нивните родители - Јаболчиште кај Велес.

„Изгледа чудно, но, таму се чувствувам многу повеќе како дома, отколку во Брисел каде се родив и живеев триесет години и каде трисет години ме сметаа за странец. Можеби ќе бидам сметан за странец и во Велес, каде никогаш не сум живеел, но кога пристигнав во моето село сите знаеа кој сум, сите го познаваа татко ми, мајка ми, дедо ми. Никој не бараше да објаснувам зошто сум таму. Во Брисел во текот на сите изминати триесет години, никогаш не се почувствувавме така,“ признава Азиз.

Културата го менува светот

Алил од своја страна не крие дека при пишувањето на неговите претстави е инспириран од балканскиот хумор. Поучен од неговото искуство тој повикува на отворање на Балканот, бидејќи народите кои живеат таму имаат многу повеќе нешта кои ги приближуваат отколку што ги делат.

„Денес во регионите како Балканот треба да се отвораме едни кон други. Тоа треба да се охрабрува, бидејќи културата е таа која го менува светот. Сигурен сум дека Балканот е идниот културен расадник. Затоа треба да кажеме дека не сме повеќе маргинални земји и дека таа епоха е завршена. Светот се промени и ако е потребно да се стави една капка вода во океанот, ние ќе ја ставиме.“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска