1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

221209 Tsunami Frühwarnsystem

26 декември 2009

На почетокот од 2005 година, само неколку месеци по катастрофалното цунами во Индискиот океан, Центарот за геолошки истражувања од Потсдам почна со изработката на предлог за систем за навремено предупредување од цунами.

https://p.dw.com/p/LA4y
Фотографија: AP

Во централата за системот на навремено предупредување од цунами е раздвижено - се отпакуваат кутии, се зашрафува и заковува, а од заднина се слушаат вести од повеќе радија и телевизии. Вкупно седум луѓе секојдневно остануваат во трета смена. Бају Праната денеска е на чело на тимот. Неговите очи постојано шараат по големите екрани на ѕидот. Долу во левиот агол може да се следи кога и каде удрил последниот земјотрес во Индонезија. А тоа таму се случува често, просечно по четириесетина пати дневно, вели Бају Праната.

„Нас не` интересираат земјотресите посилни од 7,0 степени според Рихтеровата скала, што настануваат на најмногу седумдесет километри под морското дно. Кога ќе забележиме ваква појава, мораме да прибереме уште неколку информаци за да одлучиме дали ќе издадеме тревога за цунами.“

Преку деведесет проценти од сите цунами се предизвикани од подморски земјотреси. Затоа податоците од 150 сеизмографи, поставени насекаде во Индонезија, го сочинуваат јадрото на системот за тревога.

Клучна е брзината

Deutsches Tsunamiwarnsystem startet in Indonesien
Системот треба целосно да функционира од март 2010 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Посебен компјутер е задолжен за собирање и анализирање на податоците од сеизмографите. Ако дојде до земјотрес, веднаш се активираат звучните и оптички аларми. Бају Праната и неговите шестмина колеги, врз основа на овие информации, проценуваат дали постои опасност од цунами. Сепак, од првичните индикации до конечната одлука не смеат да поминат повеќе од пет минути.

„Брзината е од клучно значење. Ако сакате навистина да биде нешто од овој систем за тревога и ако сакате да спасите човечки животи, ви требаат брзи компјутери, брзи системи, многу сензори што ги мерат поединечните компоненти на секое поместување на земјата и кои што е можно побрзо ги пренесуваат до нашиот центар“, вели Хорст Лец од Центарот за геолошки истражувања од Потсдам.

Координаторот на проектот, пак, Јерн Лаутерјунг, вели дека сите технолошки помагала, како што се сеизмографите и ГПС мрежите, морале да се модифицираат за да одговорат на посебната задача што ја добиваат во системот за навремено предупредување од цунами.

„Најголемиот дел од работата се засноваше на изработка на софтверот. Требаше да се најде начин да се соберат сите информации, да се поврзат со програмата за моделирање и на крај да се создаде прогноза, сето тоа преку интернет и во реално време. Тука лежеше најголемиот дел од интелектуалната работа.“

Најважно е населението да се извести што поскоро

Sri Lanka Tsunami Drill Flash-Galerie
Најбитно е алармот да стигне до населениетоФотографија: AP

Сепак, еден од најважните елементи на системот за навремено предупредување од цунами не е детектирањето на опасноста, туку нејзиното што е можно побрзо соопштување на јавноста. За оваа задача има посебни работни места во централата. Ако се забележи опасност од цунами, веднаш се информираат сите медиуми, локалните власти и невладините организации. Дали алармот ќе стигне до населението е уште поважно од брзото препознавање на опасноста, вели Јерн Лаутерјунг, координатор на системот за навремено предупредување од цунами во Џакарта.

„Сега најголема работа не` очекува кога е во прашање човечкиот фактор, односно дискусијата и подготвувањето на населението за овие катастрофи, кои често се случуваат овде.“

Германско-индонезискиот систем за навремено предупредување од цунами треба да почне целосно да функционира од март, следната година. Тоа сепак не значи дека германските експерти веднаш ќе се повлечат од Индонезија. Тие веќе преговараат за концептите и стратегиите за натамошната соработка, со цел да се обезбеди сигурна иднина на овој проект, кој може да спаси илјадници човечки животи.

Автор: Зифора Робина / Трајче Тосев

Редактор:Жана Ацеска