1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брзото тргување на берзите ќе биде ставено под контрола

ЕМФ/дв26 септември 2012

Германската влада сака да го редуцира ризикот од неконтролирани скокови на курсевите на берзите. Со нов закон таа сака да ги заостри правилата за супер брзото компјутерско тргување.

https://p.dw.com/p/16FSI
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сојузниот министер за финансии Волфганг Шојбле оценува дека Германија е на добар пат „да ги извлече неопходните поуки од финансиската криза“. Со предлог законот владата во Берлин презема водечка улога на европско ниво по овие прашања. Со законот треба таканаречената високофреквентна трговија да биде подложена на посебна контрола од страна на берзанските надзорни органи. Законот е уште еден „чекор кон новите рамковни услови за финансиските пазари“, објасни Шојбле во Берлин. На тој начин, според него, финансискиот систем ќе стане поцврст.

Според предлог законот, финансиските трговци во иднина ќе треба да имаат дозвола, а за да ја добијат ќе треба пред берзанските надзорни органи да го обелоденат софтверот со кој работат и да образложат како ги тестираат своите програми и како ги одржуваат. Берзите, пак, ќе треба да разработат правила според кои ќе биде можно во случај на сомнително варирање на курсевите да се запре тргувањето на одредено време.

При високофреквентното тргување се прават обиди за минимални промени на курсевите со тоа што компјутерот продава и купува хартии од вредност во време кое се мери со милисекунди. Според експертите, во Германија на ваквиот вид тргување во моментов отпаѓаат 40% од обртот на берзите, а во САД тоа се дури 70%. Критичарите сметаат дека ваквиот вид на тргување е причина за огромните осцилации на курсевите, како на Вол Стрит во 2010 година. Тогаш курсевите за само неколку минути паѓаа на дно без видливи причини.