1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел за Велигден - град на духови

СН/ЖА/дпа/ртр30 март 2013

Празни улици, затворени ресторани, а во продавниците само по некој турист. За време на велигденските празници Брисел се претвора во град на духови. Дури и староседелците бегаат на море.

https://p.dw.com/p/187DK
Фотографија: Fotolia/ANADEL

Освен 50.000 вработени во европските институции и во НАТО, во Брисел „главно работат и помалку живеат“ и вработените во амбасадите, разните претставништва, лобистичките групи, медиумските куќи. Со една третина жители кои немаат белгиско државјанство, Брисел, кој има малку повеќе од еден милион жители, стана еден од најитернационалните градови на светот. Меѓутоа, овој град важи истовремено и како „град на странци“, „град на еврократи“, а некои негови жители велат за својот град дека е „здодевен“.

А тогаш доаѓаат празниците...

Кога ќе дојдете во Брисел сите прво ве предупредуваат на дождот и на месецот август. Со оглед дека не може да се побегне од дождливите денови, сите оние кои овде „главно работат и помалку живеат“ го користат секој слободен ден за да побегнат од градот: „Одам да го видам своето семејство“, е најчесто слушаната реченица во деновите кога ЕУ институциите ги затвараат своите врати.  Божиќниот, велигденскиот и „злогласниот август“, се периоди на одмор на оската „Комисија - Совет - Парламент“. Тогаш личи дека и глобалната криза „повлекува рачна кочница“, со што уште повеќе се стекнува впечаток на општ мир - или како што би ни рекле во една од трите најголеми институции: „Немаме службен коментар за празниците, ние сме на ’стендбај’“. А потоа „off the record" , но сепак, да се знае, додаваат: „... ние имаме ’кризен центар’ за разлика од другите“.

Europäisches Parlament in Brüssel
Фотографија: picture-alliance/Daniel Kalker

...и европскиот кварт станува „град на духови“...

Дека „речиси мртво“ не е само фраза, можат да ве уверат потполно празните улици во т.н. „европски кварт“. Бидејќи најголемиот дел „еврократи“, со звукот на тркалање куфер по асфалтот, се упатуваат накај двата аеродрома или на јужната железничка станица, а се затвораат и некои продавници и ресторани во европската населба.

Во Брисел овие денови владее атмосфера и сценографија од американските постапокалиптични филмови: „Како и за секој празник улиците во овој дел на Брисел се празни. Секаде се стигнува побрзо бидејќи нема автомобили“, велат оние кои и покрај предупредувањата останале во градот. Но, постојат и оние другите, кои како за инает доаѓаат во Брисел токму за време на празниците. Тие обично го следат високо дигнатиот чадор на водичите, гледајќи го главниот плоштад, статуата на момчето кое уринира голема само 60 сантиметри, мешаат пиво, вафли и помфрит и по малку ги нервираат оние кои Брисел сепак го сметаат за свој дом.

Place Lux, Brüssel
Фотографија: DW

... се до новата рунда дијалог за Косово

Значи, на радост на споменатите туристи и деца, на самиот ден Велигден по бриселските паркови 300.000 чоколадни јајца ќе чекаат да бидат пронајдени, со оптимизмот дека дождот прв нема да ги пронајде. Голем дел од бриселската популација ќе одмора по градовите ширум Европа, но и подалеку. Остатокот ќе ја слуша тишината околу Шумановиот плоштад и ќе рани патки во штотуку одмрзнатите градски езера. А тогаш, веќе во вторник, за некои брутално враќање во паралелната реалност на Брисел со осмата рунда дијалози помеѓу Белград и Приштина.