1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел и‘ додели лоша оценка на Романија

ЖА/афп/дпа/дапд18 јули 2012

Сегашната борба за власт меѓу претседателот и Уставниот суд предизвикува „сериозна загриженост“ за почитувањето на правната држава и независноста на судството, се вели во извештајот на ЕК објавен денеска во Брисел.

https://p.dw.com/p/15ZdF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Актуелниот конфликт меѓу владата во Букурешт и другите демократски институции ги засенува напредоците кои земјата ги направи во изминатите пет години во модернизирањето на судството и во борбата против корупцијата, констатира Брисел.

ЕК ја критикува владата на премиерот Виктор Понта за „систематско“ кршење на правилата на правната држава и на независноста на судството и затоа планира засилен мониторинг врз неа.

ЕК бара спроведување редица реформи како и укинување до крајот на годината на повеќе одлуки и декрети донесени по итна постапка. Потоа ќе следува нов извештај за Романија со проверка дали Понта ги исполнил барањата на Комисијата, според неговите писмено дадени ветувања, соопшти претседателот на Комисијата, Жозе Мануел Баросо, по повод денешното публикување на петгодишниот извештај за Романија и Бугарија по нивното влегување во Европската унија.

Колегиумот на еврокомесарите утринава ги усвои извештаите, според кои, како што пренесе претседателот на ЕК, се далеку полоши за Романија, пред се‘ поради случувањата во оваа земја изминатите три недели.

Victor Ponta
Куп критики на сметка на Виктор ПонтаФотографија: picture-alliance/dpa

„Денешните извештаи за Романија и Бугарија, всушност се во рамките на тоа што ние бараме од секоја држава-членка на ЕУ, добро функционирање на правото и независен судски систем, уважување на демократски системи и владење на законот. Но, таа доверба беше расклатена по случувањата во Романија, каде беа поткопани решенијата на Уставниот суд, беа нарушени уставните процедури и беше нарушен балансот и владеењето на законот“, изјави Баросо на прес-конференција.

Според претседателот на ЕК, партиските борби не смеат да доведат до нарушување на основните принципи и политичарите не смеат да се мешаат во работата на судиите и да влијаат на решенијата на судот.

Во врска со ситуацијата со правосудниот систем и борбата за корупција во Бугарија, претседателот на Комисијата посочи дека изминатите пет години земјата забележала напредок во решенијата на некои од основните препораки за пополнување на некои празнини во правната и институциската рамка, вклучително и резултати во борбата против корупцијата и организираниот криминал. За Бугарија е најавен нов извештај во 2013. година.