1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел очекува разумност во Скопје

ЖА/миа27 август 2012

Европската комисија се надева на позитивно решение на кризата во владината коалиција во Македонија. Од Брисел посочуваат дека се надеваат оти политичките лидери во Македонија ќе најдат решение за ситуацијата.

https://p.dw.com/p/15xLc
Фотографија: picture-alliance/dpa

Европската комисија одблиску го следи развојот на политичките настани во Македонија и судирот меѓу коалициските партнери од власта што може да доведе до нови предвремени избори во земјата. Од канцеларијата на комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе, посочуваат дека се надеваат оти политичките лидери во Македонија ќе најдат решение за ситуацијата, посочувајќи ги последните смирени тонови од владините партнери како позитивен сигнал.

„Се разбира дека се интересираме и следиме се‘ што се случува во Македонија“, одговори Мајкл Ман, шеф на прес-службата на ЕК на прашањето на дописникот на МИА во врска со тоа како Комисијата ја оценува вжештената политичка ситуација во државата.

Од канцеларијата на Филе, пак, потврдија дека идната недела еврокомесарот ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов во Брисел и дека една од работите за која ќе дискутираат, со сигурност ќе биде и кризата во владината коалиција и можноста од нови предвремени избори во Македонија.

„Сепак, се надеваме дека политичките лидери ќе најдат позитивно решение на проблемот, што е во интерес на народот и евроинтегративните процеси на земјата“, посочија од кабинетот на Филе.