1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел: Србија успеа!

ЖА/дв/дпа/ртре21 јануари 2014

Србија официјално ги почна преговорите со ЕУ за полноправно членство. Но, до фактичкиот прием на балканската земја во Унијата има уште долг пат.

https://p.dw.com/p/1AuJp
Фотографија: Reuters/Yves Herman

Српскиот премиер Ивица Дачиќ (на фотографијата лево со претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо) лично допатува во Брисел на денот на одлуката - Србија ги започнува преговорите за членство во ЕУ. Владата во Белград се надева дека во Унијата ќе биде примена до 2020 година. Во средината на минатата година кон ЕУ пристапи Хрватска како 28. членка. Словенија, која како и Србија и Хрватска беше дел од поранешна Југославија, во ЕУ е уште од 2004. година.

Почетокот на преговорите на Србија со ЕУ беше овозможен откако Белград и Приштина со посредство на Брисел во април 2013. година потпишаа Договор за нормализација на меѓусебните односи.

Филе: Историски ден за Србија

„Ова е историски ден и за Србија и за ЕУ - честитам“, изјави еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Тој, по завршувањето на првата меѓувладина конференција на Србија и ЕУ, истакна дека почетокот на преговорите е заслужено признание за напорите и храбрите потези на раководството во земјата.

„Клучна беше решителноста на српските власти да ги прифатат реформите во текот на годините и храбриот труд во претходните месеци со цел да се нормализираат односите со Приштина“, нагласи Филе на заедничката прес-конференција со српскиот премиер Ивица Дачиќ, вицепремиерот Александар Вучиќ и шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, чија земја моментално претседава со ЕУ.

„Денеска го направивме првиот важен чекор на највисоко политичко ниво и започнавме разговори за поглавјата кои следуваат“, објасни еврокомесарот.