1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британија егзалтирана по победата на Мареј

Б. Георгиевски/ртр8 јули 2013

По 77 години чекање, по 15 премиери и тројца монарси, Британец победи на Вимблдон. Британците не го кријат одушевувањето по големата победа на Енди Мареј на неформалното светско тениско првенство

https://p.dw.com/p/193hY
Фотографија: Reuters

Британските медиуми, без исклучок, му ги посветија насловните страници на историскиот триумф на Енди Мареј на тенискиот турнир во Вимблдон. Мареј го порази актуелниот светски број 1, Србинот Новак Ѓоковиќ, во финалето со 3:0 во сетови.

Дневниот печат на островот се натпреварува кој ќе му посвети повеќе простор на Мареј. Дури и весници како Тајмс на осум страници до најситен детал ги опишуваат сите поединости од настапот на шкотскиот тенисер.

„Најтешкиот товар е конечно подигнат, на олеснување на целата нација“, пишува весникот за победата на првиот Британец на Вимблдон по славниот Фред Пери во 1936 година. За некои, Мареј е и првиот Британец „во шорцеви“ кој победува на турнирот.

„Мирор“ наоѓа паралела дури и во бројките кои ја следеле победата на Мареј - победа по 77 години чекање, разликата во родендените на Мареј и Ѓоковиќ е седум дена, Мареј направи брејк на сервис на Ѓоковиќ во седмиот гем на сите три сета, победи на своето седмо финале на еден Грен слем и конечно сето тоа се случи на седмиот ден од седмиот месец во годината.

Wimbledon 2013 Finale Herren
Енди МарејФотографија: Getty Images

„Шкот или Британец, кому му е гајле? Денеска ни припаѓа на сите нас“, гласат дел од насловите.

За многумина Британци триумфот на Мареј на Вимблдон е поголем спортски успех и од освојувањето на светската титула во фудбал во 1966. година.