1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британскиот новинар Џонстон ослободен по 4-месечено заложништво

4 јули 2007

Репортерот на британското радио ББЦ Алан Џонстон, кој пред 4 месеци беше грабнат од радикални Палесинци, изутрината е ослободен.

https://p.dw.com/p/BCNA
Алан Џонстон по ослободувањетоФотографија: AP

Од кругови на палестинските сили за безбедност е соопштено дека рано изутрината грабнувачите им го предале 45-годишниот новинар Алан Џонстон на претставници на радикално-исламистичкото движење Хамас, кое ја има контролата врз појасот на Газа. “Неверојатно е убаво да си на слобода” рече Џонстон кратко по ослободувањето во телефонско интервју за својата медиумска куќа ББЦ. Тој рече дека со оглед на околностите, се чувствувал добро.

“Се разбира, последните 16 недели беа далеку најтешките во мојот живот. Се наоѓаш во рацете на опасни и непредвидливи луѓе, не знаеш кога сето ќе заврши. По два или три месеци си помислуваш нема ли да бидам овде девет, 11 месеци или уште подолго - секоја жртва на киднапирање има такви грижи. Психолошкиот притисок и стрес беа апсолутно огромни, а огромна беше и борбата да ги одржиш мислите средени и да останеш здрав како знаеш и умееш. Дотолку поневеројатно е олеснувањето кога сето заврши. Понекогаш сонував, буквално сонував дека сум повторно на слобода” – ги опишува Алан Џонстон своите заложнички денови.

За време на разговорот тој се наоѓаше во Газа во куќата на сменетиот палестински премиер Исмаил Ханија. Џонстон им се заблагодари на сите кои учествувале во неговото ослободување и на многу луѓе што се заложиле за него. Преку радио можел да ги следи настаните во Газа и напорите за негово ослободување. На заедничка прес-конференција подоцна Исмаил Ханија рече дека грабнувањето на Џонстон е спротивно на интересите на палестинскиот народ, па Хамас сакал репортерот да биде ослободен.

Алан Џонстон беше грабнат на 12-ти март од дотогаш во голема мера непознатата група Армија на исламот. Грабнувачите, на кои им се припишува врска со терористичката мрежа Ал Каеда, бараа ослободување на повеќемина нивни борци во замена за Џонстон и, во спротивно, се закануваа дека ќе го убијат. Кон крајот на јуни групата во интернет објави видео-снимка на која Џонстон околу појасот имаше ремен со експлозив.

Според палестински безбедносни кругови, посредник меѓу грабнувачите и Хамас била радикалната палестинска група Комитет на народниот отпор. Притоа била договорена меѓусебна размена на заробеници, во чии рамки бил ослободен и Џонстон.