1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британците во Бугарија се лути на ксенофобијата во татковината

П.Туцек/ С.Недевски22 јули 2013

Од Бугарите, но и од Романците во потрага по подобар живот, се шири речиси паничен страв во Велика Британија. Нема потреба од ксенофобична хистерија, порачуваат пак илјадници Британци кои ефтино купиле куќи во Бугарија.

https://p.dw.com/p/18ahL
Фотографија: Reuters

Вака би можело да звучи кампања со која се оцрнува Велика Британија:

„Внимавајте, драги Бугари: улиците во Обединетото Кралство не се поплочени со злато, жените се пијани, а времето грозно. Звучи забавно, но не е.“

Видеото со ваква порака е шега на британските медиуми. Но, во кругови на британската влада сериозно се дискутира за идејата Бугарите со рекламна кампања да се предомислат да не се доселуваат во Обединетото Кралство. Бугарите речиси не можат да поверуваат.

„Ова видео е смешно. Живеев во странство и таму запознав многу мои сонародници. Сите беа добри стручњаци и чесно плаќаа данок. Само малкумина имаат намера таму да останат засекогаш.“, вели уметникот Мартин Георгиев.

Гергана и Мартин се членови на уметничка група од Софија, која на интернет веднаш возврати со дигитален противудар со ваква порака:

„Секако, бугарските улици се поплочени со злато, жените на наште фудбалери се многу поубави, а плажите на Северното море не можат ни да се споредат со нашите плажи на Црно море“. Или пак : „Британци кои ги сакаме се Шекспир, Џејмс Бонд и сите оние кои купија куќи во Бугарија.“

Bulgarien Flagge Landkarte
Фотографија: picture alliance/ANP

Вљубени во Бугарија и Бугарите

Шегата на страна, ова последното е жива вистина. Откако Бугарија пристапи во ЕУ, десетици илјади Британци се преселија тука, на пример во гратчето Велико Трново. Благодарение на Унијата, само тука, во стариот царски град, нов дом пронајдоа 2.000 Британци. Еден од нив е и трговецот со недвижности Филип Клејтон, кој пред 7 години се преселил од Лондон.

„Мислам оти има многу ксенофобична реторика спрема Бугарите кои се доселуваат во Обединетото Кралство. Зборувајќи од лично искуство, тие обично доаѓаат да работат сезонски работи. Многу Бугари кои ги познавам не сакаат да одат во Британија, освен можеби на одмор, како и сите останати. Погледнете само. Ова нема врска со она што го прикажуваат на британската телевизија и во жолтиот печат. Тоа ме лути.“, вели Клејтон.

Филип и неговата сопруга се вљубиле пред се’ во старите куќи и замоци. И не само тие. Во последно време во секое поголемо место има британски агенции кои посредуваат при купување недвижности во Бугарија.

Џеклин Клејтон дошла тука со сопругот пред 2 години и сега ужива во благодетите на новата татковина: „Локалното население е многу љубезно, луѓето се подготвени да помогнат и се поприврзани кон семејството, отколку жителите на Лондон.“ Двајцата брзо се спријателиле со Бугарите. Една од нивните пријатели е и Диана Пеева која вели: „Луѓето навистина сакаат да живеат во Бугарија. Можно е да отидат во странство за да стекнат искуство, малку да поработат и таму да поминат некое време, можеби 6 месеци, но мислам дека потоа се враќаат“.

Бугарија и Романија се лесна цел

Screenshot Europanorama 50. TV-Sendung
Филип и Џеклин Клејтон задоволни од својот живот во БугаријаФотографија: DW

Речиси никој тука не верува дека Обединетото Кралство ќе доживее нов бран на доселеници, како со Пољаците 2004. година, бидејќи на Бугарите и на Романците од наредната година им се отвора вратата на пазарите на труд одеднаш на дури 26 членки на ЕУ. Британецот Лук Вудли кој истотака живее во Бугарија истакнува: „Во економски тешки времиња какви што имаме сега во Велика Британија лесно е да се покаже со прстот кон некој друг. Мислам оти многу медиуми и некои владини службеници ги сметаат Романија и Бугарија за лесна цел.“ Неговиот пријател и сега сограѓанин во Бугарија Филип Рајт „Зошто Романците и Бугарите да не можат да работат и живеат во Англија, исто како Пољаците, Унгарците или некои други?

Истото прашање го поставуваат и во министерството за труд и социјална политика во Софија. „Наш став како влада е дека слободата на движење е една од основните слободи врз кои се темели Европската унија. Затоа сметаме дека бугарските граѓани би требало да бидат во можност во целост да го остварат тоа право, како европски и како бугарски граѓани“, вели Петар Стојанов од Министерство за труд и социјална политика на Бугарија.

Богатствата на Бугарија им се непознати на многу Европејци, велат уметниците Гергана и Мартин. Тие се горди на знаменитостите во Софија, а поуките од Британија не ги интересираат.