1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

300709 Irak GB Abzug

31 јули 2009

Денеска (31.07.2009) официјално завршува мисијата на британските сили во Ирак. Тие постепено се повлекуваа од градот Басра, каде престојуваа околу 6 години. Во ангажманот во Ирак загинаа вкупно 179 британски војници.

https://p.dw.com/p/J0jY
Британските трупи си заминуваатФотографија: picture alliance/dpa

Низ Басра, втор град по големина, веќе патролираат ирачки војници и владее релативно опуштена атмосфера. Иако невидливи за обичните луѓе, во градот и околината престојуваат уште неколку стотици британски војници: „400 војници и офицери на британската армија останаат во Басра. Официјално, нивната задача е да ги обучуваат ирачките војници, посебно припадниците на поморските сили“, објаснува главниот уредник на дневниот весник „Шат ел Араб“, Абдулмунам Ал Дирави.

Според него, населението на Басра релативно лесно го прифати присуството на британските војници во градот: „Велика Британија има искуство во однесувањето со ирачкиот народ. Британците, врз основа на претходните искуства, знаат како да ги придобијат Ирачаните.“

Irak Großbritannien Soldaten in Basra
Британските војници знаеја како да се постават и да упатат сигнали за соживот и соработка со локалното населениеФотографија: AP

Населението ќе ги памети Британците по толерантниот став

За разлика од Американците, британските војници очигледно знаеја како да се постават и да упатат сигнали за соживот и соработка со локалното население. Тие, на пример, се придржуваа сето време на сообраќајните знаци и правила. Британските воени возила застануваа на црвен семафор и притоа не им пречеше што на зелено чекаа заедно со цивилни автомобили. За разлика од нив, околу американските воени возила во другите делови на Ирак мораше да има бришан простор од 100 метри, во спротивно населението ризикуваше да биде заплашувано со истрели. Дотолку повеќе, граѓаните на Басра се исплашија кога слушна дека Американците ќе ги преземаат позициите на британските војници. Но, во меѓувреме и Американците почнаа во Басра да се однесуваат како нивните британски колеги, кога привремено ги презедоа нивните задачи. Во меѓувреме, и тие се повлекоа од сите ирачки градови во околните воени бази.

Населението во Басра ќе ги памети Британците по толерантниот став, бидејќи тие не се мешаа во политиката, туку само создадоа услови за политички дијалог меѓу различните етнички групи. Освен тоа, британските војници изградија поголем број детски и спортски игралишта во најсиромашните делови на градот.


Автор: Хасан Хусаин / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска