1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бубка, Коу, Дијак во април во Скопје?

Златко Калински26 февруари 2013

Во април Скопје ќе биде домаќин на Конгресот на Европската атлетска асоцијација. Меѓу гостите се очекува да бидат и атлетските величини Бубка и Коу, како и претседателот на Светската атлетска асоцијација Ламин Дијак.

https://p.dw.com/p/17lqQ
Фотографија: Fotolia/OrpheusXL

Македонија во светот на атлетиката има маргинална улога, но наскоро, од 12 до 14 април, ќе биде домаќин на собирот на претставниците на атлетските асоцијации од Европа. Сашко Манаковски, претседател на Организациониот одбор на Конгресот на ЕААФ, за Дојче веле зборува за текот на подготовките:

„Тоа е голем настан за секоја земја. Особено за нас тоа ќе е убаво случување и голема наша промоција, истовремено и доказ дека и ние можеме нешто да направиме во атлетиката. Конгресот треба да го искористиме и како поттик да се подигне атлетскиот спорт во Македонија.“

Хотелот „Александар Палас“ ќе биде центарот на збиднувањата во трите конгресни денови. Организацијата на еден ваков настан има особена тежина:

„Почнавме навреме со подготовките за конгресот. Тие се внимателно следени од страна на луѓето од ЕААФ, задолжени за организацискиот мониторинг. Двапати делегација на ЕААФ беше во Скопје, последен пат во средината на минатиот месец. Направија инспекција на просторорите во кои ќе се одржува конгресот и засега немаат никакви забелешки. Досега имаме пријави за учество на претставници од 23 земји, но рокот за пријавување е до средината на март и очекуваме присуство на сите 50 земји-членки на Европската атлетска асоцијација. Поткрепа во организирањето на Конгресот имаме и од Владата на Македонија,која издвои еден дел од потребните финансиски средства. Добивме поткрепа и од неколку фирми,со кои воспоставивме соработка.“

Во светот на атлетиката ова е исклучително значаен собир на кој ќе се дебатира за клучните прашања за развојот на „Кралицата на спортовите“. Сашко Манаковски навестува присуство во Скопје и на водечките имиња на светската атлетика:

Sasko Manakovski Präsident des Organisationskomitee des EAAF European Athletis Federation Kongresses in Skopje
Сашко МанаковскиФотографија: DW/Zlatko Kalinski

„Имаме најава, а наскоро очекуваме и потврда, дека во Скопје ќе допатуваат претседателот на Светската атлетска федерација Ламин Дијак, како и актуелните потпретседатели, великаните на светскиот спорт, Сергеј Бубка и Себастијан Коу. Тоа значи, ќе се дебатира на највисоко атлетско рамниште. Македонија, досега немала спортски самит со поголема тежина.“

Освен афирмацијата на Македонија, може ли да се очекуваат и конкретни придобивки за атлетиката во Македонија, која натпреварувачки и резултатски е периферна? Манаковски вели:

„Убавите работи кои ни се случија со отворањето на тартан-патеките во Охрид и во Скопје ќе се обидеме да ги продолжиме на сличен начин со поставување патеки и во Струмица, Велес, Прилеп. Тоа можеме да го оствариме и низ непосредните контакти со водечките личности на европската атлетика. Неопходно е во моментов да покажеме дека атлетиката во Македонија почнува да се движи напред, дека поткрепата која ја добиваме од Европа ја враќаме на позитивен начин. Несметајќи го Скопскиот маратон, Македонија долго време не била домаќин на меѓународно атлетско натпреварување. Условите на ‘Филип Втори Арената’,сега ни даваат можност да се кандидираме за организирање на Европско првенство во младинските категории. Наша цел е добивање и на организација на планинската атлетика, која е се‘ поактуелна, а мислам дека имаме услови за такво натпреварување“, вели Сашко Манаковски, претседател на Организациониот комитет на претстојниот конгрес на ЕААФ.