1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија: Демонстрантите се подготвуваат за жежок септември

Наоми Конрад / Жана Ацеска14 август 2013

Илјадници Бугари од јуни протестираат против владата. Протестите продолжуваат и сега, во време на летната пауза. Земјата се наоѓа во длабока политичка криза.

https://p.dw.com/p/19OoS
Фотографија: BGNES

Една робустна метална ограда ја дели улицата пред бугарскиот парламент. На едната страна стојат полицајци и отсутно гледаат во автомобилите и автобусите кои поминуваат покрај нив. На другата страна демонстрантите поставиле повеќе шатори. На транспарентите тие ја нарекуваат владата: „Мафија“ и „Крадци“.

Протестот започна во јуни, кога владата го именуваше контроверзниот медиумски тајкун Дељан Пеевски за нов раководител на Националната служба за безбедност. Многу граѓани во тоа видоа индиции за корупциски врски меѓу моќните олигарси во земјата и политичката елита и излегоа на улици, барајќи оставка на владата.

Јога на барикадите

Две жени поставуваат постилки за јога во дречливи бои на тлото: Антонија и Снежинка бесплатно ги учат демонстрантите на јога, нарекувајќи ја јога-протест. Тие бараат оставка на владата. На властодржците им препорачуваат долго медитирање. Но, дали тоа ќе помогне, Антoнија не е сигурна: „Политичарите се корумпирани, тие тешко дека ќе стигнат до просветлување“.

Потоа двете се извинуваат, зашто не можат веќе да зборуваат, повеќе жени веќе се наместиле на постилките за јога и чекаат. Меѓу нив има и еден маж со избледена маица, чиј изглед потсетува на младиот револуционер Че Гевара. Јога-демонстрантите почнуваат со пеење и се наведнуваат нанапред. Дури и јогата може да биде една можност за соборување на владата, вели политикологот Владимир Шопов, раководител на Институтот за европска стратегија и политика во Софија. Демонстрантите останаа креативни и во летната пауза, за да дозволат замирање на протестите.

Bulgarien Proteste
Со јога против владатаФотографија: DW/N.Conrad

Без доверба во политичките партии

„Доживуваме длабока криза на политичките институции и механизми. Луѓето загубија доверба во политичките партии“, вели Шопов во разговор за Дојче веле.

Во двете децении по ерата на комунизмот во Бугарија на различни олигарси им успеа да се етаблираат како важни економски и политички актери. Мета на критики не е само актуелната коалициона влада - и претходната на екс-премиерот Бојко Борисов беше обвинувана за непотизам и корупција. Но, на малите опозициски партии не им успеа да извадат способен политички кандидат.

„Не верувам дека нови избори би биле излез од актуелната политичка криза“, вели Шопов. Веројатно би следела подолга етапа во која би се извршило спроведување на политиката на сосема поинаков начин. Политикологот се надева дека цивилните групи од општеството ќе извршат притисок врз владата. Може да помогне и притисок од страна на ЕУ, смета тој.

„Ќе започнам со блокирање на улиците“

Но, Стојан Панчев стравува дека овој притисок од Брисел би се ограничил на неколку строги зборови, кои никого нема посебно да го потресат. Економистот е на пат кон вечерна протестна рунда во Софија.

„Јас не би стоел само така, подобро би започнал со заземање места, блокирање улици. Би било подобро да се побараат пратениците онаму каде летуваат и таму, директно пред рестораните во кои јадат, да се прави врева“. Неколку дена претходно тој со демонстрантите во Софија легна на улица. На полицијата не и‘ преостана друго освен да ги отстрани луѓето. Панчев се смее, кога го раскажува ова, а при погледот врз полицајците кои изгледаат уморно, насмевката му се шири. Протестите во Бугарија досега останаа мирни во најголем дел. Само на 23 јули дојде до судири меѓу демонстрантите и службите за безбедност, кога демонстрантите повеќе часа го блокираа парламентот за да ги спречат пратениците да излезат. Бидејќи владата е екстремно неомилена, таа нема да преживее натамошни конфронтации од овој вид, туку мора да даде оставка, смета Панчев.

Bulgarien Proteste
Фотографија: DW/N.Conrad

На улицата пред Парламентот економистот изгледа малку разочаран. На протести се собрани само неколку стотици луѓе, премалку во споредба со илјадниците гневни граѓани кои учествуваа на претходните демонстрации. Но, август е, во Софија е многу жешко, многу граѓани се на одмор на море.

Организаторите на протестите подготвуваат планови по часови, за во секое време да има барем по некој демонстрант. Тие се подготвуваат за жежок септември, кога политичарите и многу демонстранти ќе се вратат од одмор. Од извори на демонстрантите се слушаат планови за повторна блокада на зградата на парламентот по летната пауза, за пратениците да не можат да влезат.