1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија како Холивуд

19 ноември 2011

Бугарија најчесто се споменува во контекст на организиран криминал и корупција. Но, ретко некој знае дека таму со години се снимаат големи холивудски филмови. Во моментов се снима вториот дел од филмот „Платеници“.

https://p.dw.com/p/13Cq7
Бојко Борисов и Арнолд ШварценегерФотографија: picture-alliance/dpa

Бугарија обезбеди место на светската карта како локација за снимање филмови најдоцна во 90-те години, откако низ неа прошетаа ѕвездите на акциониот филм како Силвестер Сталоне, Арнолд Шварценегер, Брус Вилис и Жан Клод ван Дам. Сите овие, но и некои други познати, сега играат и во вториот дел од филмот „Платеници“. Првиот дел се појави во кината минатата година и направи голем промет, во многу земји котираше на прво место според гледаноста. Рецептот е едноставен-тим војници на чело со Силвестер Сталоне планира да ослободи еден латиноамерикански остров од неговиот корумпиран диктатор. Едноставно, но со многу акција и специјални ефекти.

Бугарија се бори за место во филмската продукција

Буџетот на вториот дел од филмот изнесува 80 милиони долари. Голем дел од нив треба да бидат потрошени во Бугарија, зашто филмот речиси целосно се снима токму таму.

Filmszene The Expendables
Сцена од филмот „Платеници“Фотографија: AP/Twentieth Century Fox

Причина за бугарскиот премиер Бојко Борисов да ја посети екипата на почетокот на снимањето, да се сретне со поранешниот гувернер на Калифорнија, Арнолд Шварценегер и да ја промовира својата земја.

„Се разбира дека размислуваме на каков начин можеме да ја поддржиме кино-индустријата во иднина, зашто тоа е некој вид реклама за државата. Конкуренцијата е голема, многу соседни земји нудат подобри субвенции отколку ние, но ние го правиме најдоброто што можеме“.

Бугарија во едно нешто е пред другите конкуренти: трошоците за филмската продукција се особено ниски. Тоа го знае и Дејвид Верод, шефот на калифорниската продуцентска фирма „Ну имиџ“ во Бугарија: „Во филмскиот бизнис постојано се бараат поповолни локации за продукција, а Бугарија е една од нив, овде е двојно поевтино отколку во Германија“.

Бугарија е исто така за една третина поевтина отколку другите источноевропски држави, на пример, во споредба со Чешка, каде се снимаше филмот со Џејмс Бонд- „Казино Ројал“. Многу поповолни се меѓу другото трошоците за персоналот, како за статистите. Во Германија просечните трошоци за осум работни часа по статист се 50 евра. Во САД статистите се главно синдикално организирани и имаат право на 120 евра дневно, плус екстра трошоци. На тоа доаѓаат специјални ставки за шминкање на целото тело или за снимање во зачадени простории. Дневницата во Бугарија изнесува 15 евра за 12 часа снимање, во тоа кафе и топол оброк.

Бугарија поентира и со единствената даночна стапка од десет проценти за фирмите и приватните лица. Тоа го користи како мамец и калиформиската фирма „Ну имиџ“ на интернет страницата на нејзиниот бугарски претставник.

Бугарските студија имаат големо искуство

Но, за атрактивноста на Бугарија не се во прашање само ниските трошоци, вели Верод: „Овдешните студија имаат големо искуство. Во Бугарија имаме снимено над сто филмови, во просек 10 до 12 годишно“.

Expendables Sylvester Stallone
Силвестер Сталоне во „Платеници“Фотографија: AP

„Ну имиџ“ уште од 90-те години соработува со државното студио „Бојана филм“, формирано во 1962 година. Во 2005 година Калифорнијците платија околу 19 милиони евра за купувањето на „Бојана филм“ и го променија името во „Ну Бојана филм студија“. Моментно тие располагаат со модерна опрема, многу кулиси-пустински или планински, тврдини, градови, како и тим од 250 компјутерски експерти за специјални ефекти. Само на овој начин може да се привлечат големите холивудски имиња да дојдат во Бугарија.

Притоа, предностите не само за домашната кино-индустрија, туку и за целокупното стопанство лежат на дланка, истакна Арнолд Шварценегер на средбата со бугарскиот премиер.

„Хотелите, рестораните и сите други можат да бидат само во добивка, ако овде се снимаат филмови“.

Зашто, туристите, претставниците на медиумите и филмските екипи доаѓаат со пари за сместување, дневни трошоци или шопинг. Пари можат да одат и директно во инфраструктурата на земјата. За снимањето на „Платеници“ беа комплетно санирани еден пат и еден мост. Тие беа единствена поврзница кон локацијата за снимање, Деветашка пештера. Оваа туристичка атракција во минатите години беше речиси недостапна, зашто пристапниот пат и мостот дотаму беа во очајна состојба.

Бугарскиот премиер е свесен за предностите на Бугарија како локација за снимање филмови, затоа ги покани Арнолд Шварценегер и екипата тука да го снимаат третиот дел на „Платеници“. Погодна локација тој веќе има на ум- недограденото метро во главниот град, Софија.

Автор: Благородна Григорова/ Ж.Ацеска

Редактор: Александра Трајковска