1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија – Македонија: „Како да се премости минатото? “

Милчо Јованоски11 мај 2013

Во Софија постои здружение на семејства со потекло од Македонија. Како гледаат членовите на здружението, кои во февруари ја посетија Македонија, на проблемите во македонско-бугарските односи?

https://p.dw.com/p/18Vr7
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

По влегувањето на Бугарија во Европската унија, група истомисленици од Софија почуствувале дека земјата се‘ помалку се интересира за прашањата поврзани со Македонија. Пред една година се собрале и го формирале Здружението на семејства со потекло од Македонија. За разлика од здруженијата во Бугарија, кои Македонија ја опсервираат од аспект на политиката или академската наука, ова здружение, според основачите, претежно се занимавало со општествено – културни и образовни теми.

Сакаме да влијаеме врз бугарското граѓанско општество и државните институции со поголемо внимание и чувство да гледаат на сите прашања поврзани со културно – историското наследство на семејствата со потекло од Македонија. Истовремено, се грижиме да ги зближиме луѓето од Бугарија, Република Македонија и Грција кои се од ист род и корен. Сметаме дека треба да се надминат разликите поврзани со толкувањето на нашето минато“, вели Наум Кајчев – историчар, член на здружението и поранешен бугарски конзул во Битола, чии корени се од Костур.

„ Бугарија никогаш немала правилен однос кон прашањата сврзани со Македонија. Сакам сите потомци на прогресивни Бугари и не само Бугари да си ги знаат корените. Да ги знаат идеите на нивните предци. Дали ќе ги одобрат или следат, тие сами ќе решат“, вели претседателот на здружението Марио Примџанов, правнук на охридскиот преродбеник од 19 век Кузман Шапкарев.

Има ли излез од лавиринтот оптоварен со минато?

„Како здружение ќе помагаме со се' што можеме за заедничко бугарско – македонско истражување на процесите од нашата заедничка историја. Како научник придонесувам во таа насока. Пред две години организиравме научна тркалезна маса посветена на Григор Прличев и Браќата Миладиновци на Софискиот универзитет, на која учествуваа и истражувачи од Република Македонија и Грција. Беше публикуван и зборник на трудови. За жал, имам впечаток дека колегите од Македонија во голема мерка се принудени да ги почитуваат насоките кои им доаѓаат од владата. Тоа не води кон соработка и зближување. Како пример ќе ја земам соработката помеѓу државните архиви од двете земји, врз која сериозно последниве години е акумулирано минатото. Последниот заеднички проект е од 2006 – 2007 година, кога беше публикуван дневникот на Крсте Петков Мисирков. По тоа нема заеднички изданија. Причината за застојот не е од бугарска страна. Без оглед на моменталната сосотојба, на подолг рок сум оптимист: Научната и граѓанската етика и европските традиции го сугерираат тоа“, вели Кајчев.

Mazedonien Fotolia Karte
„Бугарија не е пречка , туку можен гарант за европската иднина на Македонија“, велат членовите на здружениетоФотографија: Fotolia/Bastos

Почитувањето на заедничката историја не е закана , туку гарант за иднината на Македонија

„Мојот прадедо Кузман Шапкарев е роден во Охрид. Коренот ми е од таму и јас се гордеам со тоа, бидејќи Охрид е град на толеранцијата и разбирањето. Како наставник, Шапкарев водел напорна борба за воведувањето на бугарскиот јазик во училиштата во Македонија. Нашите роднини во Охрид живеат во новата држава Република Македонија и имаат целосно право да се изјаснуваат како Македонци и ние не го оспоруваме тоа нивно право. Границата меѓу двете држави не‘ прави да не сме многу блиски“, вели Елисавета Шапкарева, слободен новинар во Софија.

„Луѓето од Македонија си ја знаат историјата, и не е ништо лошо што веќе пишуваат нова историја. Во Бугарија, никој не е во состојба да го промени добрите чувства на Бугарите кон луѓето од сегашна Република Македонија. Тие чувства се генетски утврдени. 'Потребна е просвета, просвета и пак просвета‘, велеше прадедо ми Шапкарев и јас го велам тоа“, додава Марио Примџанов.

„Република Македонија, за да успее како општество, треба да ги цени реалните историски корени. Почитување на страниците од нашата заедничка историја, како што е поставена и во резолуциите на Европскиот парламент, не е некаква закана за независноста на Република Македонија. Напротив, тоа е гаранција за просперитетот и европската иднина на земјата“, со дипломатски речник објаснува Кајчев.

На прашањето од ДВ за односот спрема Здружението на Македонци ОМО Илинден – Пирин, за нивното барање да ги имаат малцинските права и слободно да се изјаснуваат како Македонци во Бугарија, Кајчев вели: „Колку што ми е познато такво граѓанско здружение не постои. Претпоставувам ja имате предвид иницијативата за основање на политичка партија со такво име, која не ги задоволила барањата на законодавството за регистрација на политичките партии во Бугарија. Ние сме граѓанско здружение без амбиции за политичка власт и учество во партискиот живот на Бугарија. Според нас, секој граѓанин на земјата е слободен индивидуално да ја одредува својата националност и идентитет“.