1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија нема да посочи датум за Македонија

БГ/дв/миа11 декември 2012

Бугарскиот државен врв денеска се договори да не посочува датум за почеток на преговори на Македонија со ЕУ. Бугарскиот став е ниту поддршка, ниту блокада, т.е. да се определи датум за определување датум

https://p.dw.com/p/16zrz
Фотографија: picture-alliance/dpa

За ставот на Бугарија на претстојниот самит на лидерите на ЕУ денеска во Софија разговарале претседателот Росен Плевнелиев и премиерот Бојко Борисов.

Двајцата се договориле дека Бугарија „ќе биде меѓу земјите кои нема да посочат датум за отпочнување на преговорите“.

„Плевнелиев и Борисов се категорични дека ја поддржуваат европската интеграција на Македонија, но таа поддршка не е безусловна и таа зависи од исполнувањето на критериумите за членство, пред се’ добрососедските односи“, се наведува во соопштението на кабинетот на бугарскиот претседател.

Според водечките луѓе на бугарската држава, „перспективата за членство во ЕУ не се постигнува со пропаганда и маркетиншки кампањи, туку со реални чекори за засилување на добрососедските врски меѓу Бугарија и Македонија. Понатаму уште се наведува дека Бугарија и‘ предложила на Македонија да се потпише Договор за добрососедство, пријателство и соработка и да се постигне договор за заедничко чествување на личности и настани од заедничката историја, како и да се прекине антибугарската кампања и подметнувањето на историски факти.

Сличен одговор на новинарско прашање во Брисел денеска понуди и шефот на бугарската дипломатија, Николај Младенов. На конкретното прашање дали Бугарија поддржува датум за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, тој одговори: „Нашата поддршка за Македонија ќе се врати кога ќе видиме исполнување на она што го постигаме како договор”.

Според толкувањата во Брисел, бугарскиот став може да се толкува како порака дека Софија поддржува определување датум на кој потоа би се определил датумот за почеток на преговорите.