1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија се „топи“

Н.Цеков / Е.М.Фиданоска22 април 2013

Населението во Бугарија старее и се намалува. Демографската криза има негативни последици, но со себе носи и шанси, вели за ДВ Марта Сугарева, експерт за демографски прашања и професор на Пловдивскиот универзитет.

https://p.dw.com/p/18KcG
Фотографија: picture-alliance/Rainer Unkel/picturedesk.com

Бугарското население се „топи“ за околу половина процент годишно во последните 25 години. Професор Марта Сугарева, експерт по демографија, нагласува дека треба да се прави внимателна анализа на демографските индикатори: „Во Бугарија се раѓаат околу 10 деца на 1.000 жители, што е меѓу најниските стапки во Европа. Но, за ваквиот индикатор предвид се зема општиот број на население. Далеку поиндикативен за анализи е таканаречениот тотален коефициент на плодност, со кој се изразува просечниот број деца што ги раѓа една жена. Според таквиот показател, ситуацијата со раѓањето деца во Бугарија дури бележи и подобрување“, вели професорката на универзитетот во Пловдив, Марта Сугарева.

Податоците за минатата година велат дека тоталниот коефициент во Бугарија се зголемил за 20% во споредба со 2001 година и изнесува 1,5 деца. Ако се прави споредба на ваквиот показател, Бугарија стои на еднакво рамниште со Македонија, додека Србија, Романија и Грција се на нивото кое Бугарија го имаше во 2001 година. Професор Сугарева подвлекува дека проблемот на Бугарија не се состои толку во малиот број новородени деца, туку во бумот на раѓање деца кај малолетничките. Бугарија држи неславен рекорд во Европа според бројот на мајки до 15-годишна возраст. Појавата „деца да раѓаат деца“ во Бугарија е шестпати повеќе пристутна отколку во која и да е друга европска држава.

Една од шансите кои ги нуди демографската криза е можноста за корекција на погрешната демографска политика во Бугарија која се водеше со децении, тврди професор Сугарева:

Vater mit Kinderwagen
Фотографија: Bilderbox

„Од времето на комунизмот наметнатата политика се потпираше врз принципот дека државата треба да им дава пари на мајките и семејствата во коишто се раѓаат деца. Таа политика, присутна неколку поколенија, создаде илузија дека задача на државата е да се грижи за децата до тој степен што дури треба да е одговорна и за нивното воспитание и реализација во животот.“

Кон тоа се додава уште еден синдром, присутен главно кај Ромите.

„Раѓањето на деца се претвора во средство за преживување на родителите, кои наместо да бараат работа се стремат да раѓаат деца, а тие деца потоа исто така настојуваат да родат деца што порано. Така, не само што се зголемува бројот на социјално слабите и сиромашни граѓани, туку се продлабочува и социјалната изолација, сегрегацијата и меѓуетничките конфликти“, вели професор Сугарева и посочува дека сега раѓањето кај Ромите се доближува постапено до стапката на раѓање кај останатите етникуми.