1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарската православна црква на раскрсница

Александер Андреев / Е.М.Фиданоска1 декември 2012

На 24.02.2013 во Бугарија ќе се избира нов патријарх. По смртта на 99-годишниот Максим, се бара поглавар кој ќе го поправи оштетениот имиџ на црквата и ќе спроведе неопходни реформи.

https://p.dw.com/p/16uCH
Фотографија: AP

Ситуацијата во којашто се наоѓа Бугарската православна црква (БПЦ) е драматична, вели професор Калин Јанакиев, познат експерт за верски прашања. Притоа, тој мисли на фактот што единаесетмина од вкупно 15 митрополити во црквата на почетокот на годинава беа обелоденети како соработници на поранешната комунистичка Служба за државна безбедност. Најголемиот проблем притоа е што токму од редовите на овие митрополити ќе се избира новиот патријарх. Јанакиев оценува дека е тоа бесмислено, затоа што единесеттемина поранешни кодоши би требало да се најдат всушност пред црковен суд. Истражувачот на религии притоа се повикува на 30. Апостолско правило, според кое, од страна на црковен суд треба да се казни добивање на митрполитска функција со поддршка на световна сила.

Овој основен проблем на БПЦ се третира и во студија на фондацијата „Конрад Аденауер“. Марко Арнт околу овој проблем пишува: „Општо кажано, со откривањето се поставува прашањето на поврзаноста на клериците и комунистичката држава, прашањето на независноста на високите духовници и на тежнеењето на највисокиот клер да биде искористуван и инструментализиран. Тоа се прашања кои и денес се горливи, иако општествените услови се променети.“

Symbolbild Religion Christentum Kreuz
Денес околу 80% од Бугарите се декларираат како православни, но како „строги верници“ се изјаснуваат само околу 13%Фотографија: picture alliance/R. Goldmann

Црквата нема големо општествено влијание

Поради својата блискост до државата за време на комунистичкиот режим, БПЦ со текот на децениите губеше на престиж и поддршка. Во споредба со земји како Србија и Русија, општественото влијание на православната црква во Бугарија е видливо помало. Денес околу 80% од Бугарите се декларираат како православни, но како „строги верници“ се изјаснуваат само околу 13%. По откритието дека 11 митрополити биле кодоши, довербата во БПЦ драматично падна - од 53 на 36 проценти.

Реформата на црквата не мора да биде радикална, но е во секој случај неопходна - вака би можел да се резимира заклучокот на студијата на фондацијата „Конрад Аденауер“. Авторот на студијата стравува од „негативно сценарио“, како „здружување на некои лобисти на митрополитите пред претстојниот избор на патријарх со цел да се задржи, па дури и да се зголеми статусот кво и можно влијание врз овој негативен процес преку влијателни локални бизнисмени“. „Позитивното сценарио би значело зајакнување на видливоста на цивилното општество и на црковното јавно мнение“, се вели во студијата на „Конрад Аденауер“, за да зајакне црковната заедница и да се има ефикасна контрола врз митрополитите. „Потребно е зголемување на образовното ниво на свештениците и на идните монаси, зголемување на меѓународните контакти, соочување со комунистичкото минато на црквата и учество на активни и образовани членови на црквата во процесите на носење одлуки во црквата“, се препорачува во студијата.

Patriarch Maxim Bulgarien Orthodoxe Kirche
Патријархот Максим зад себе остави црква со оштетен имиџФотографија: picture-alliance/dpa

Кога се вели „влијателни локални бизнисмени“, се мисли на таканаречените „архони“ - повеќе или помалку измислена почесна титула која им е доделена на три дубиозни личности. Но, тие се дел од соборот кој треба да го избере новиот патријарх од редовите на тројца предложени кандидати од страна на Светиот синод. Позиционирањето на можните кандидати веќе почна, но многумина Бугари на црковните борби за моќ гледаат со фрустрација. Зашто, покрај 11-те митрополити со кодошко минато, многумина верници се сомневаат и во веродостојноста на останатите кандидати. Еден е присутен во медиумите пред се‘ со својата наклоност кон скапи автомобили, друг со своите пароли против хомосексуалците и припадниците на другите вери. Двајца не го исполнуваат условот - да имаат наполнето 50 години за да се кандидираат.

Контроверзната состојба во која се наоѓа црквата, отец Висарион од бугарскиот манастир Зограф на Атос, ја билансира вака: „Она што се случува во црквата е резултат на нашата духовна состојба. Секоја црковна заедница секогаш добива пастир каков што заслужува.“