1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарскиот вицепремиер - „жртва“ на протестите

ЖА/афп/ртре18 февруари 2013

Бугарскиот премиер Бојко Борисов на парламентот ќе му предложи да го разреши неомилениот министер за финансии Симеон Џанков под притисок на протестите против високите цени на електричната енергија.

https://p.dw.com/p/17gFk
Фотографија: picture alliance/dpa

Бугарскиот министер за финансии Симеон Џанков денеска поднесе оставка од функцијата, по масовните демонстрации против политиката на владата.

Десетици илјади Бугари протестираа вчера заради високите цени на електричната енергија и ниските примања, обвинувајќи ја владата за несоодветни мерки со кои го намалува стандардот на граѓаните во најсиромашната членка на ЕУ.

На негово место ќе биде назначен Томислав Дончев, кој во моментот е министер одговорен за фондови од ЕУ.

Позицијата на Џанков како заменик-премиер треба да ја преземе министерката за регионален развој Лилјана Павлова. Таа, според анкета на Институтот за истражување на јавното мислење Галуп, е најомилен член на владата на премиерот Борисов со 30 проценти. Дончев го поддржуваат 18 насто,а Џанков само 11 проценти од испитаниците.

Од 2009 година кога ја презеде функцијата премиер, Бојко Борисов го „напуштија“ девет министри и многу заменици министри, но ова е првпат „жртва“ да биде вицепремиер.

Борисов моментно се соочува со растечко незадоволство на народот изразено преку демонстрации, кои започнаа како протест против високите цени на електричната енергија, но полека се насочуваат како општ протест против владата. Народот го обвинува кабинетот на Борисов за премал ангажман против корупцијата и непотизмот. Во јули во Бугарија треба да бидат одржани парламентарни избори. Според акетите, партијата на Борисов, владејачката ГЕРБ има поддршка од 22 проценти, исто колку и опозиционите социјалисти.