1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бум на евтините преноќевалишта

Кристина Редер/ Жана Ацеска14 август 2012

Германската хотелска бранша се жали на конкуренција, големи давачки и мали маржи. Сосем поинаку е кај евтините понудувачи-тие доживуваат бум, зашто во европските градови расте побарувачката по евтино преноќување.

https://p.dw.com/p/15naS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Појадокот во преноќевалиштето се плаќа екстра, за тоа постојат пластични чипови. Двете пријателки, Кристина Вајнелт и Светлана Першевски, сакаат да останат три дена во Хамбург за малку пари. Поповолно немаше-20 евра за ноќ, а тоа што собата ќе ја делат со две непознати, не им пречеше.

„Имаме полна програма, секако овде сме само за спиење и сеедно дали во собата има и други“, вели Кристина.

„Нема проблем, тоа беше наша одлука“, дополнува Светлана.

Истото го мислел и шефот Оливер Винтер кој пред повеќе од десет години патувал низ Австралија и Нов Зеланд. За малку пари преноќувал во преноќевалишта, во Германија нешто непознато. Празнина на пазарот, се сетил Винтер и почнал да отвора едно по едно евтино преноќевалиште, во меѓувреме-20 згради од Берлин до Прага. Во Хамбург треба да биде најголемото преноќевалиште во светот: од мај има над илјада легла, до крајот на годината ќе има уште толку. Побарувачка има, но и други со иста идеја.

„Денес мора навистина нешто да се прави, да се рекламира. Пред 12 години седев во моето биро и луѓето едноставно доаѓаа и прашуваа: можеме ли да ги изнајмиме креветите: Денес, се разбира, не е така, одиме на саеми, размислуваме-како да ги привлечеме луѓето?“ раскажува Винтер, косопственик на A&O преноќевалиштата.
Идејата е важна на пример при јадењето-сопствен готвач чини скапо. A&O користи зготвено доставено јадење, соработниците само го подгреваат.

Hostel EastSeven in Berlin
Фотографија: Hostel EastSeven

„Може навистина многу брзо нешто да се подготви за 10, 15 луѓе. Имаме многу интернационални гости, некои, на пример Англичаните, не сакаат шпагети или макарони, туку нешто друго, па тогаш правиме друга комбинација, а сепак пресно и брзо подготвено“.

Хајлајт по проширувањето на преноќевалиштето во Хамбург-новата тераса на покривот. 110 квадратни метри со клупи и маси за пиво и електрична скара. Колбасите гостите мора додуша сами да ги печат.

„Секогаш велам-преноќевалиштето е нешто како вистински Фејсбук, значи, се комуницира постојано со луѓе. Многу интензивно ја градиме оваа заедница, луѓето треба да се среќаваат, тоа треба да можат да го прават нон-стоп, 24 часа на ден“, истакнува Винтер.

Тоа е можно и во сопствениот бар, каде не постои точен час кога се престанува со работа. Барот затвора кога ќе си замине последниот гостин.