1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бум на индустријата за џет-авиони

15 јануари 2008

Бизнис авионите доживуваат бум, книгите со нарачки на прозиводителите се полни. Желбите на клиентите – со широк спектар. Едни сакаат мини – конкорд, други претпочитаат авио-такси на ниво од прва класа:

https://p.dw.com/p/CpqD
Еден од најбараните бизнис-џетови: Еклипс 500Фотографија: AP

Бизнис патниците се малку толерантни за маките на модерниот воздушен сообраќај. Ако времето значи пари, тогаш е премногу скапоцено да се губи за прекачувања за да се стигне од точката А до Б. Затоа нарачките за бизнис авиони се поголеми од кога и да е порано. „Крај на бумот не може да се согледа„, вели Роберт Кригер, советник во Европскиот центар за развој на авијацијата во Дармштат.

Книгите со нарачки на водечките производителите на авио-џетови Чесна, Бомбардер, Ембраер, Хокер, Дасо и Голфстрим се полни до врвот. Испорачувачот на системи Ханивел очекува во наредните години да бидат изградени 14 илјади приватни џетови, во 2009 пазарниот волумен треба да стигне до 22 ипол милијарди долари. Чесна во минатата година испорача 380, во оваа треба да да ги има 470. Особено растат пазарите во Азија и Европа. 2006 година беше прва во која мнозинството нарачки не беа од Северна Америка.

Бизнис авионите - статутен симбол

За термините да бидат флексибилни, дискретни и независни од плановите за летање, веќе не се потребни летечки палати како Боингот 767-300 за 350 патници, каков што има рускиот олигарх Роман Абрамович. Во глобализираното стопанство, бизнис авионите не се само статусни симболи, туку барани објекти за инвестирање. Тоа го сфатија и двајцата најбогати луѓе во Америка: Бил Гејтс и Ворен Бафет. Тие не се само клиенти, туку инвестираат во пазарот за да ги направат приватните авиони поефтини.

Бафет на пример, се ангажира со умерено учество во фирмите. Оној што нема секојдневна потреба од џет, не му ни треба авион за милиони што ќе стои во хангар – може да гу купи делумно и така да го користи – кога ќе има потреба. Бафет откупи 25 проценти во еден џет кај фирмата Нетџет – за неговата сопруга. Тој модел и потенцијалот во него толку му се допаднаа што во 1998 година ја купи фирмата. Денес Нетџет е светска фирма со преку 500 авиони.

HondaJet
Малите џетови поисплатливиФотографија: AP

Бил Гејтс, пак, инвестира во американската фирма Еклипс која гради авиони со шест седишта за милион и 700 илјади долари. Аналитичарите на овој пазар се сигурни дека мини-џетовите како оние на Еклипс, на пазарот обезбедуваат дополнителна динамика. Домнел Слетери од фирмата Џетбрд, дури зборува за револуција. Имено, неговата намера е со флота изнајмени авиони да ги преполови трошоците на бизнис – летовите во Европа, копирајќи ги ефтините летови на големите компании: кратко време за чекирање, едноставен модел на цени и изнајмување мали аеродроми.

Надзвучен џет за бизнис потреби

И другата страна на пазарот е во движење. Два американски производитела, Ерион и Суперсоник Ероспејс, независно еден од друг, работат врз концепти за надзвучен џет за бизнис потреби. Во целиот свет во моментов се проценува дека има потреба од 500 вакви авиони. Ерион уште на авио-изложбата во Дубаи во минатата година, потпиша договори за 40 вакви авиони за сума од околу 80 милиони долари. Меѓу првите што нарачаа ваков авион е мултимилијардерот Тарек бин Ладен, братот на Осама. Сите што сакаат таков авион, веќе уплатија кауција од по 250 илјади долари, но ќе мораат да се стрпат за испораката - до 2014 година, десет години по последниот лет на Конкорд, за да добијат сопствен мини – Конкорд.