1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундесбанката не исклучува катастрофа на еврото

7 март 2012

Шефот на германската Бундесбанка сака дополнително да ги осигура побарувањата спрема Европската централна банка. Со тоа, де факто, тој веќе не исклучува дури ни дефинитивен неуспех на еврото.

https://p.dw.com/p/14Frq
Фотографија: AP

Јенс Вајдман, актуелен претседател на германската емисиона Буднесбанка, го карактеризира тивок настап, за разлика од Аксел Вебер, неговиот претходник на функцијата. Но, и со тивки тонови може да предизвика силна дебата, како што се покажа во случајот со писмото што деновиве Вајдман му го упати на Марио Драги, претседател на Европската централна банка (ЕЦБ). Во него тој предупредува на растечките ризици во прекуграничниот платежен систем (познат и како „Таргет“) во еврозоната и сака дополнително осигурување на побарањата што Бундесбанката ги има спрема ЕЦБ, кои во меѓувреме достигнаа преку 500 милијарди евра.

Сомнежи во Бундесбанката во однос на еврозоната

Драги и мнозинството од членовите на Советот на ЕЦБ беа иритирани од писмото: Вајдман, според Драги, дал „катастрофален сигнал“, оти со тоа Бундесбанката за првпат признала дека „не исклучува распаѓање на еврозоната“. Побарувањата на националните централни банки спрема ЕЦБ, имено, стануваат проблем само кога веќе не би постоела еврозоната. Таргет-системот настана со воведувањето на еврото, за да се олеснат прекугранични парични уплати.

Системот беше проширен во ноември 2007 („Таргет2“, втора генерација на таргет), кога ЕЦБ стана централен пресметковен пункт за националните емисиони банки: кај некоја германска извозна зделка настанува побарување на Бундесбанката спрема ЕЦБ, додека емисионата банка на увозникот во таа зделка станува должник на ЕЦБ.

Deutschland Bundesbankpräsident Jens Weidmann
Јен Вајдман има тивок настап, но сепак предизвика силна дебатаФотографија: dapd

Салдата на Таргет2 се оттргнуваат од контрола

Со оглед на тоа дека во кризата на еврото значителен капитал се одлева од земјите од југот, со Таргет2 се финансира како дефицитот во трговскиот биланс, исто така и одливот на капитал. Со други зборови: салдата на Таргет2 стануваат еднонасочна улица - додека Германија, Холандија, Луксембург и Финска натрупуваат се’ повеќе побарувања, долговите на таканаречените ПИИГС-држави (Португалија, Италија, Ирска, Грција и Шпанија) растат до исто толкава вртоглава височина. Според последната информација, веќе станува збор за 800 милијарди евра.

Таа тенденција дополнително е потикната и од лабавата монетарна политика на ЕЦБ. Во период од само два месеца ЕЦБ им стави на банките на располагање преку еден билион (повеќе од илјада милијарди) евра. Тие можеа од ЕЦБ да позајмат онолку пари, за колку што можеа да понудат гаранции. А како гаранции беа доволни и обврзници од држави на кои им се заканува банкрот, како и обврзници на поединечни претпријатија. Тоа, пак, значи дека побарувањата на Бундесбанката спрема ЕЦБ во обем од 500 милијарди евра делумно се осигурани со многу лоши гаранции. Оттука, не е чудно дека шефот на Бундесбанката е вознемирен од таквиот развој.

Последици од нерамнотежата

Доколку Грција би ја напуштила еврозоната, што не е многу веројатно, ЕЦБ би морала да отпише 107 милијарди од Таргет-системот. Бундесбанката би морала да се помири со загуба од околу 30 милијарди. Доколку се распадне целата еврозона, веќе не би постоела ни ЕЦБ, па Бундесбанката не би имала од кого да бара наплата на своите побарувања во износ од 500 милијарди евра. Во крајна линија, таа огромна загуба би паднала на товар на германските даночни обврзници.

Јенс Вајдман сега сака да се обезбеди против таквото сценарио. Се разгледуваат различни можности. Така Јерг Кремер, главен економист на Комерцбанк, предлага земјите со високи негативни Таргет-салда да мораат да ги обезбедат долговите со своите резервите од злато и девизи. Но, проблем е што во меѓувреме тие земји сочинуваат мнозинство во Советот на ЕЦБ, па нема да се согласат со такво решение. За да не се дозволи натамошен пораст на негативните Таргет-салда, ЕЦБ би можела да и’стави крај на ултра-лабавата монетарна политика, што би значело смртен удар за редица банки и држави, па поради тоа е исто така нереално.

Ein Sack voll Geld von der Deutschen Bundesbank
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Решение не е на повидок

Најверојатно е дека се’ ќе си остане како и досега. Во поповолен случај високо задолжените земји би се зафатиле со неопходните реформи, кризата би била надмината и Таргет-системот сам од себе повторно би се довел в ред. Во понеповолен случај, сето ќе се оттргне од контрола и Таргет-салдото ќе расте во обете насоки за по околу 200 милијарди евра годишно.

Така станува сигурно дека колку подолго трае кризата, толку помалку ќе можат ЕЦБ, Бундесбанката и Германија да си дозволат да се распадне еврозоната.

Автор: Жанг Данхонг/Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска