1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслигата во зимски сон

20 декември 2010

Заврши есенскиот дел од Бундеслигата. По поразот на Борусија Дортмунд во последното коло се очекува интересен пролетен дел од сезоната. Себастијан Фетел и Марија Риш се прогласени за спортисти на годината во Германија.

https://p.dw.com/p/QgUK
Снегот не го спречи последното есенско коло во БундеслигатаФотографија: dapd

Битката за титулата во Бундеслигата повторно станува интересна. Лидерот на табелата Борусија Дортмунд се лизна во последното коло од есенскиот дел на гостувањето кај Ајнтрахт, додека Бајерн со убедливиот триумф од 5:3 кај Штутгарт се искачи на петтата позиција. Најдобар на мечот беше Марио Гомез кој против својот поранешен тим постигна три гола.

„Гледаме во Дортмунд, Леверкузен и Мајнц. Сите тие се пред нас и сите се добри екипи. Не смееме да ги потцениме, но јасно е дека сезонава е се’ можно. Доколку ги победиме сите натпревари, имаме добра шанса“, оцени Гомез.

Бајерн сега на табелата го прескокна Фрајбург, кој одигра нерешено, 2:2, на гостувањето кај Бајер Леверкузен.

„Тимот покажа извонредна борбеност и постојано напаѓаше. Нерешениот исход е заслужен и е резултат и на големиот притисок на Леверкузен. Мислам дека сите треба да бидеме задоволни со освоениот бод“, изјави тренерот на Фрајбург, Робин Дут.

Леверкузен со освоениот бод падна на третото место на табелата, а на втората позиција повторно се искачи изненадувањето на сезоната Мајнц по победата на гостувањето кај Сенкт Паули од 4:2.

Flash-Galerie 1. Fußball Bundesliga - VfB Stuttgart gegen FC Bayern München
Рибери и Гомез го прославуваат третиот гол на Бајерн против ШтутгартФотографија: dapd

Втор пораз за Борусија (Д) сезонава

Есенскиот првак Борусија Дортмунд ја пропушти можноста да постави нов рекорд од 44 освоени поени во првите 17 кола, по поразот на гостувањето кај Ајнтрахт од 1:0. Според тренерот Јирген Клоп нема никаква причина да се биде разочаран по неуспехот.

„Веројатно ние бевме последните кои беа свесни дека можеме и да загубиме еден натпревар. Но од утре имам можност да седнам и да размислам за сето тоа. Но, сепак мислам дека имам доволно причини да бидам горд на мојот тим и на се што постигнавме досега“, оцени Клоп.

Единствениот гол за Франкфурт повторно го постигна Гркот Теофанис Гекас, кој ја предводи листата на стрелците со 14 погодоци, а во стандардно добра форма беше и поранешниот македонски репрезентативец Александар Васовски.

Вердер и Волфсбург во зоната за испаѓање

Четвртопласираниот на табелата, Хановер загуби на гостувањето кај Нирнберг со 3:1, но и покрај тоа, со 31 освоен поен го забележа најдобриот резултат во есенскиот дел од првенството во историјата на клубот.

Flash-Galerie Fußball Bundesliga 17. Spieltag FC Schalke 04 1. FC Köln
Раул (Шалке) го постигна првиот свој хет-трик во БундеслигатаФотографија: dapd

Шалке успеа да се пробие кон горниот дел од табелата по катастрофалниот почеток на сезоната. Избраниците на Феликс Магат, благодарение на хет-трикот на Раул, го совладаа Келн со 3:0 и стигнаа до 10-та позиција.

Вердер од Бремен пролетниот дел од сезоната ќе го започне од зоната за испаѓање, по новиот пораз, овојпат од Кајзерслаутерн на домашен терен од 2:1. Во слична ситуација е и Волфсбург, кој одигра 2:2 против Хофенхајм и стигна до 13-то место. На дното на табелата остана Борусија Менхенгладбах, со 10 освоени бодови, а последниот во низата порази беше забележан во петокот во дуелот против Хамбургер пред домашните навивачи.

Фетел и Риш најдобри германски спортисти во 2010

Себастијан Фетел, најмладиот победник во историјата на Формула 1 и двојната олимписка шампионка, Марија Риш викендов беа прогласени за најдобри спортисти во Германија. Во традиционалниот избор кој се одржува на крајот на секоја календарска година учествуваа повеќе од 1.500 спортски новинари од земјата.

Sportler des Jahres 2010
Германските спортисти на годината: Филип Лам, Марија Риш, Себастијан Фетел и Јоаким ЛевФотографија: picture alliance / dpa

Риш, која на Олимпијадата во Ванкувер се закити со златни медали во слалом и супер-комбинација, беше прогласена за најуспешна во женска конкуренција пред бијатлонката Магдалена Нојнер које беше носител на истото признание во 2007 година, додека на третото место се пласираше атлетичарката Верена Зајлер.

Кај мажите, Фетел, кој годинава го освои светскиот шампионат во Формула 1, немаше вистински конкурент и убедливо го освои првото место. Зад него се пласираа трикратниот европски првак во пинг-понг Тимо Бол, и новата германска голферска звезда Мартин Кајмер.

Во екипна конкуренција, за најдобра беше прогласена машката фудбалска репрезентација која го освои третото место на Мундијалот во Јужна Африка. Зад нив се пласираше веслачкиот осмерец кој освои злато на светското првенство, а на трето место застана хокеарската репрезентација.

Автор: БГ/ВК/дв

Редактор: Жана Ацеска