1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслигата може да почне

20 август 2010

Со мечот меѓу шампионот Бајерн Минхен и Волфсбург започнува новата сезона во фудбалската Бундеслига. Таа годинава ќе биде збогатена со нови ѕвезди од светска класа, но без некои домашни надежи кои блескаа на СП.

https://p.dw.com/p/OrW7

Најголема досегашна сензација на преодниот рок во Германија ја направи Шалке, со ангажманот на легендата на Реал Мадрид, Раул Гонзалес. Тој му се приклучи на својот поранешен клупски колега Кристоф Метзелдер кој истотака летово прејде во тимот од Гелзенкирхен. Очекувањата од Раул се големи како во Шалке така и во цела Германија.

Raul und Michael Ballack Kombo
Раул и Балак во дресовите на нивните нови тимовиФотографија: AP/DW-Fotomontage

„Тој е личност која на теренот и надвор од него се радува да постигнува успеси заедно со другите“, изјави задоволниот тренер на Шалке, Феликс Магат. Раул Гонзалес ќе има можност сезонава да настапува против еден свој доскорешен колега од нападот на „кралскиот клуб“, Руд ван Нистелрој кој минатата зима прејде во редовите на Хамбургер.

Бајерн не е загрижен

Бајер од Леверкузен пак успеа во своите редови да го врати Михаел Балак. Доскорешниот капитен на германската репрезентација, пред СП беше можеби единствената интернационална фудбалска ѕвезда од Германија, и успешно настапуваше за англискиот шампион Челзи. Тој очекува успеси и со Леверкузен:

„Сметам дека во екипата има многу голем потенцијал. Се разбира најважно за мене беше што тука имам шанса да се натпреварувам за германскиот шампионат, и да бидам присутен и интернационално“.

Звучни засилувања досега донесоа и Хамбургер, Вердер и денешниот противник на Бајерн, Волфсбург, кој покрај тоа успеа да го задржи извонредно бараниот напаѓач Един Џеко.

Но шампионот не е загрижен од засилувањата кај главните конкуренти за врвот на табелата:

WM Südafrika 2010 Ghana vs Deutschland
Кедира и Езил (втор и трет од десно- горен ред) блескаа во германската репрезентација на СПФотографија: AP

„Ние немаме промени, само се врати Тони Крос, кој беше позајмен во Леверкузен. Инаку досега се нема ништо случено. Тоа е предност, и не гледам воопшто слабости“, вели капитенот Марк Ван Бомел. Впрочем, Бајерн со Рибери, Робен и германските ѕвезди од последниот Мондијал- Швајнштајгер, Лам и Милер и без тоа има најзвучен состав.

Езил и Кедира во Реал на Мурињо

Бундеслигата сезонава меѓутоа останува без две други германски ѕвезди, Сами Кедира кој го напушти Штудгарт и Месут Езил, кој деновиве замина од Вердер Бремен. И двајцата во ист правец и со речиси исто образложение:

„ Многу бргу ја донесов одлуката, откако се сретнав со Жозе Мурињо. Тоа беше многу уверливо. Еден таков тим како Реал Мадрид со еден таков тренер- ваквата понуда воопшто не можев да ја одбијам“, изјави Кедира.

Доаѓањето на Кедира и Езил во Реал Мадрид ги разгоре шпекулациите за заминување на холандската ѕвезда Рафаел ван дер Варт со можна дестинација Хамбургер- клубот за кој настапуваше од 2005 до 2008. Тренерот на Шалке Магат најави нови звучни засилувања, а истото важи и за Волфсбург. Но возбудувањата од преодниот рок од денеска ќе бидат заменети со вистински фудбалски возбудувања на терените ширум Германија во новата сезона на Бундеслигата.

Автор: Симе Недевски/ Саша Бринкман

Редактор: Жана Ацеска