1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслигата продолжи - за Вердер и Аилтон како и да немало пауза!

2 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AeoE
За милионите фудбалски вљубеници во Германија поминаа долгите 44 денови без првенствен фудбал - од петокот наваму животот се врати на "нормален колосек". За водечкиот од есенскиот дел Вердер како да немаше пауза - 4 спрема нула против Херта од Берлин навестуваат дека овој пат нема да се повтори традиционалната слабост на Вердер во вториот дел од првенството. "Многу сме задоволни со резултатот и играта. Го спроведовме она што го покажавме на тренинзите. Тимот беше добро подготвен и даде сигнал дека и натаму сакаме да продолжиме по нашиот пат", изјави тренерот Томас Шааф. Вердер веќе 9 кола е без пораз и 100-ти пат во својата клупска историја на првото место во Бундеслигата, Ханс Маер беше донесен во Берлин за да ја спаси Херта од можното испаѓање од лигата, но новиот тренер не успеа - барем на стартот - да направи пресврт: "Сакавме овде во Бремен да докажеме дека нешто е направено во изминатите 4 недели. Мислев и дека во основа се промени расположението во екипата. Но, само 17 минути покажавме дека можеме да играме нормално. До првиот примен гол добро се држевме и дури имавме и една зрела шанса. Потоа заигравме како да не сме тренирале. Се врати есенската несигурност", оцени Маер. Паузата не остави трага врз најдобриот стрелец на тимот од Бремен, Бразилецот Аилтон - со двата гола му обезбеди сигурно водство на Вердер и увод во високата победа, а со вкупно 18 погодоци во првенството тој убедливо води на листата на стрелците. Патем, стрелците не беа многу расположени на стартот - мрежата на 9-те средби беше затресена само 20 пати. Рој Макај од Баерн Минхен по само 39 секунди го доведе својот тим во водство против Ајнтрахт во Франкфурт, што е најбрзо постигнат гол во тековново првенство. Но тоа не беше доволно за повеќе од само еден бод - на крајот испадна нерешено 1 спрема 1, па Баерн го загуби второто место на табелата, каде се искачи Штутгарт со победата од 2 спрема нула против Ханза Росток. Разликата до водечкиот Вердер изнесува 4 бода. Баер Леверкузен имаше шанса да го прескокне на табелата официјалниот шампион од Минхен, но доживеа пораз од 1 спрема нула на гостувањето во Фрајбург. "Да, тоа беше еден мал кикс. Сега во текот на неделава ќе се концентрираме на наредната средба и потоа ќе освоиме три бода", убеден е репрезентативецот од редовите на Баер Леверкузен, Јенс Новотни. Шалке го доби локалното дерби против Борусија во Дортмунд со 1 спрема нула. Некогашниот голгетер на лигата Ебе Санд постигна гол по полни 1364 минути. Голманот на Шалке Франк Рост на овој натпревар одбрани два пенала - прво на Колер, а потоа и на Фрингс. Последен пат во Бундеслигата тоа му успеа пред 17 години на тогашниот голман на Кајзерслаутерн Гералд Ерман, кој одбрани два удара од белата точка на средбата против Валдхоф Манхајм. Во ова првенство севкупно се реализирани само 64 проценти од досудените пенали. Уште еден куриозитет од натпреварот во Дортмунд: проширениот стадион беше исполнет до последно место - на трибините имаше 83 илјади гледачи. Полн беше и стадионот во Келн: 51 илјада гледачи ја прославија победата на домаќинот во 70-от првенствен дуел против традиционално незгодниот ривал од соседството Борусија Менхенгладбах со 1 спрема 0, со голот на 18-годишниот Лукас Подолски, откритие на есенскиот дел. "Три или четири недели само слушав колку е тешко, зашто тимот од Менхенгладбах има најголем број победи токму против Келн. За мене беше важно тоа да го исфрлиме од главите на играчите. Гледачите видоа: минатото е зад нас и важна е само иднината или сегашноста. Тимот, за среќа, го спроведе тоа", рече тренерот на Келн Марсел Колер. Покрај Аилтон од Вердер, двоен стрелец во првото коло од пролетниот дел на првенството беше и младиот репрезентативец Бенјамин Лаут, кој практично самиот му ја донесе победата на Минхен 1860 со 2 спрема 1 против Кајзерслаутерн. Бохум продолжува со успеси - по победата од 1 спрема 0 против Волфсбург се искачи на петтото место, кое инаку води во Купот на УЕФА. Хановер го совлада Хамбургер со 3 спрема 2 и дури го прескокна на табелата.