1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслигашка пролет со есенски шмек

17 јануари 2011

Викендов се врати фудбалот на бундеслигашките терени, но ништо драматично не се смени во формата, ниту пак во учинокот на тимовите. Борусија Дортмунд продолжи како и пред зимската пауза, со уште една убедлива победа

https://p.dw.com/p/Qsqe
Екипата на Хановер продолжи со добрите игриФотографија: picture alliance/dpa

Пред почетокот на годинешната сезона, екипата на Хановер се сметаше за еден од главните кандидати за испаѓање од лигата. По 18 одиграни кола, тимот на Мирко Сломка се наоѓа на втората позиција на табелата, а неделната победа на гостувањето кај Ајнтрахт во Франкфурт од 3:0 само ги потврди амбициите и квалитетот на тимот.

„На добар пат сме. Ова беше меч во кој и Ајнтрахт можеше да поведе. Со оглед на играта можеби и не бевме толку надмоќни, но 3:0 е многу јасен резултат. Многу сме задоволни што се искачивме на втората позиција“, изјави стрелецот на вториот погодок за Хановер, Кристијан Шулц.

Flash-Galerie Bundesliga 14.01.2011 1. Bayer 04 Leverkusen Borussia Dortmund
Гроскројц го прославува првиот погодок против БајерФотографија: dapd

Хановер е сега најблискиот конкурент на Борусија Дортмунд која има 12 бода предност на врвот на табелата. Во петокот, „милионерите“ уште еднаш ја покажаа својата надмоќ, победувајќи со 3:1 на гостувањето кај директниот ривал Бајер Леверкузен.

„Се чувствувам одлично. Играњето во овој тим е големо задоволство. Од првата минута игравме добро и заслужено победивме“, изјави двократниот стрелец на Дортмунд, Кевин Гроскројц.

Бајерн се сопна на првиот чекор

Пораз забележа и изненадувањето на есенскиот дел од првенството, тимот на Мајнц. Штутгарт беше подобар пред своите навивачи и победи со 1:0. Тренерот Бруно Лабадиа беше задоволен од борбениот дух на својот тим.

„Играта и успесите на овој тим ќе дојдат. Но најпрво ќе мораме да почнеме со борба, а потоа ќе играме. Тоа денеска го стори тимот. Ова беше првиот од преостанатите 17 мечеви. Во останатите 16 ќе треба да се бориме на истиот начин“, изјави Лабадиа.

Bundesliga 15.01.2011 VfL Wolfsburg FC Bayern München
Стрелецот на Бајерн (М), Милер (фото) незадоволен по дуелот против ВолфсбургФотографија: dapd

Бранителот на титулата Бајерн Минхен се сопна уште на првиот чекор во пролетната фаза. На гостувањето кај Волфсбург, баварците успеаја да освојат само бод, по израмнувачкиот погодок на домаќините во последните мигови од мечот.

„Не знам зошто воопшто говориме за освојување на првенството. Повторно ја прокоцкавме предноста поради нашата негрижа. Не сакам веќе да зборувам за титулата“, лут беше по мечот репрезентативецот на Бајерн, Томас Милер.

Нов кикс на Шалке, среќна победа на Вердер

Во дуелот на средината на табелата, Шалке загуби на домашен терен од Хамбургер со 1:0. Руд Ван Нистелрој го постигна единствениот погодок за гостите. Според информациите во печатот, Холанѓанецот е на добар пат повторно да се врати во тимот на Реал Мадрид.

Многу среќа имаше Вердер во дуелот против Хофенхајм. Тимот од Бремен дојде до победата од 2:1 во последните моменти од мечот.

Fußball Bundesliga VfL Borussia Mönchengladbach gegen Bayern München
Нова надеж за фудбалерите на Борусија (М). фото: Де КамаргоФотографија: AP

Последнопласираната Борусија Менхенгладбах забележа победа која на играчите им дава нова надеж дека ќе се изборат за опстанок во лигата. Во саботата беше извојувана победа од 1:0 на гостувањето кај Нирнберг.

„Можеби денеска во одредени ситуации ни‘ се насмевна среќата, што не беше случајот во есенскиот дел од првенството. Но, како и да е, играчите напорно работеа и ја заслужија победата. Оттука, задоволен сум што успеавме да ги освоиме трите бода“, изјави тренерот на Борусија, Михаел Фронцек.

Во преостанатите два меча од првото пролетно коло два нерешени исходи. Кајзерслаутерн и Келн ги поделија бодовите играјќи 1:1, а Сенкт Паули и Фрајбург одиграа 2:2.

Автор: Сара Фопел/Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски