1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслига: бродолом на Баерн Минхен

6 април 2009

Баерн Минхен поразен со 5:0 против Волфсбург. Баер победи во дербито со Келн со 2:0, се искачи до седмото место и му недостасуваат уште четири бода да стигне до петтата позиција која води во Купот на УЕФА.

https://p.dw.com/p/HRFT
Јирген Клинсман фрустриран во ВолфсбургФотографија: AP

Карлсруе против Борусија Менхенгладбах - многу се очекуваше од овој меч од 26 коло од првенството на фудбалската Бундеслига, но по грчевита и здодевна игра тој заврши со 0:0. За тренерот на Карлсруер Еде Бекер ова е премалку:

„Во случај на победа, нашата ситуација ќе беше многу појасна и затоа е особено болно што мораме да се задоволиме само со еден поен“, изјави Бекер по натпреварот.

Карлсруе останува на последното место на табелата и му недостасуваат уште шест бода за да се спаси од испаѓање од лигата. Претпоследен е Енерги Котбус, кој загуби од Ајнтрахт Франкфурт со 2 спрема 1. Борусија Менхенгладбах исто така се наоѓа во опасната зона, но по ремито против Карлсруе ситуацијата не е толку безнадежна, вели тренерот Ханс Мајер.

„Со овие 0:0 сум задоволен само од една причина: го држиме Карлсруе на дистанца“.

Во тешка ситуација се најде Арминија Билефелд. Со поразот дома од Шалке со 2 спрема 0, на табелата ја дели само еден бод од местата што водат во Втората лига.

Bundesliga Köln gegen Leverkusen
Келн против Баер ЛеверкузенФотографија: AP

Вердер Бремен повторно е на десеттата позиција по победата над Хановер со 4:1, но се` уште е оддалечен цели десет бодови од место што води во Купот на УЕФА. Тренерот Томас Шаф сепак се вознемирува кога некој ќе му спомене дека за неговиот тим во првенството останува само „златната средина“:

„Во Бундеслигата сакаме нешто и да постигнеме. Кога играте пред четириесет илјади луѓе, тие можат да кажат: Не сте расположени? Тогаш морате да одите в болница, инаку никој не може да ви помогне“.

Трка за првите позиции

Fußball Bundesliga Bochum Stuttgart Tor Tasci
Штутгарт победи во БохумФотографија: AP

Баер Леверкузен има подобри шанси од Вердер Бремен на крајот од сезоната да се најде на меѓународната сцена. Баер победи во дербито со Келн со 2:0, се искачи до седмото место и му недостасуваат уште четири бода да стигне до петтата позиција која води во Купот на УЕФА. Тренерот Бруно Лабадија беше видно возбуден поради првата победа по пет последователни порази:

„Ова беше важна победа за нас, по неколкуте неуспешни обиди да забележиме целосен успех во претходните недели. Убаво е да се победи на дерби. Си одиме задоволни дома“, изјави Лабадија.

И Штутгарт може да биде задоволен. Победи против Бохум со 2:1 и се најде на петтото место, прескокнувајќи го Хофенхајм. На четвртата позиција останува Баерн Минхен. Избраниците на Јирген Клинсман се избламираа на натпреварот против Волфсбург и загубија со 5:1.

„На крајот на играта навистина бевме понижени. На тимот му кажав дека не можеме да си дозволиме повторно да ни се случи истото од пред три години, кога наместо да ја освои титулата, Баерн се најде на четвртото место, а тренерот Феликс Магат беше отпуштен. Уште можеме да станеме шампиони на Германија, но мораме да сватиме што е важно, а тоа е Бундеслигата“.

Досегашниот лидер на табелата, тимот на Херта Берлин, загуби од Дортмунд со 3:1 и падна на третото место. На челната позиција се искачи Волфсбург. Веднаш зад него е Хамбургер, кој извојува победа против Хофенхајм со 1:0.

Италијанска и француска лига

Во триесеттото коло од италијанското првенство, пак, екипата на Милан синоќа го совлада Лече, со головите на Роналдињо и Сендерос во последната минута. Лидерот на табелата, Интер, со автогол на Исла, на гостински терен против Удинезе стигна до нови три бода.

Во Франција, со убедливиот триумф над Сент Етиен од 3:0, Олимпик Марсеј остана на еден бод зад лидерот Олимпик Лион.

ТТ/Дв

Редактор: Жана Ацеска