1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслига: Вердер есенски првак, Келн го напушти дното - "фенерот" за Ајнтрахт

17 декември 2003
https://p.dw.com/p/AeoN

Вердер од Бремен го заврши есенскиот дел од првенството во Бундеслигата на првото место, откако синоќа ја совлада Ханза Росток со 3 спрема нула. Резултатот е поубедлив од впечатокот на теренот, но независно од тоа тренерот Томас Шааф задоволно изјави: "Во паузата за време на божиќните празници радо ќе фрламе поглед врз табелата". Уште повеќе што во 40-те досегашни првенства на Бундеслигата, есенскиот лидер во 27 случаи на крајот станувал и шампион! Бразилецот Аилтон ја разби одбраната на гостите веќе во 3-тата минута и со 16 голови убедливо води на листата на стрелците. На второ место привремено се проби официјалниот шампион Баерн Минхен кој на гостувањето го декласира Фрајбург со 6 спрема 0. Рој Макај беше двоен стрелец. "Денеска конечно можевме повторно да прикажеме убав фудбал", констатира тренерот Отмар Хицфелд. Неговиот колега од поразениот табор Фолкер Финке зборуваше за "болна лекција" во натпреварот "што ќе остане долго во сеќавање". Последното есенско коло донесе промени на дното. Келн ја забележа првата победа под раководство на новиот тренер Марсел Колер по серијата од нерешени игри (Хамбургер, Баерн Минхен, Баер Леверкузен, Ханза). Пред 35 илјади гледачи Херта беше надиграна и совладана со 3 спрема нула. Сите голови паднаа во второто полувреме. Вороњин беше централна личност и стрелец на првиот гол. Потоа гостите останаа и со играч помалку откако беше исклучен Нандо Рафаел поради груб фаул. Младиот Подолски ја обезбеди победата, а печат врз неа стави автоголот на Нико Ковач во последните минути. "Тоа беше најдобра игра под мое раководство. Бевме компактни во дефанзивата, а конечно ги искористивме и шансите за гол. Победата е важна од психолошки аспект. Наредната година ќе се потрудиме да го напуштиме долниот дел на табелата", рече по средбата тренерот Колер. Келн го прескокна не само Ајнтрахт, туку и Херта, со која се изедначи со бројот на бодови, но има подобра гол- разлика. За тимот од главниот град ни смената на тренерот Хуб Стевенс не донесе подобрување и зимската пауза ќе е добредојдена за сведување на сметките и консолидирање на редовите.

На последното место падна Ајнтрахт кој во Франкфурт загуби од Хамбургер со 3 спрема 2. Средбата беше драматична: по водството на Хамбургер со 2 спрема 0, домаќинот собра сили за изедначување, но на 5 минути пред крајот Барбарез ги закопа сите надежи на Анјтрахт. "Тимот прекрасно се бореше, тоа беше извонреден натпревар за гледачите, само што победи погрешниот тим", прокоментира Вили Рајман, тренер на поразената екипа.

Вечер се играат преостанатите 5 средби од 17-тото коло.