1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслига: „Жешко“ на врвот на табелата

14 декември 2009

На едно коло пред крајот на есенскиот дел од сезоната во врвот на Бундеслигата владее вистинска мешаница. Првите пет тима на табелата се на оддалеченост од само 4 бода, а три екипи се борат за насловот- есенски првак.

https://p.dw.com/p/L1v0
Љубителите на фудбалот ќе го паметат ова коло и по дуелот меѓу Менхенгладбах и Хановер каде паднаа три автоголаФотографија: dpa

Во дербито на колото во Бундеслигата, Шалке на гости го порази Вердер со 2:0. Со победата, тимот на Феликс Магат се искачи на второто место на табелата, додека Вердер, кој го доживеа првиот пораз по 23 меча, падна две места подолу. Магат по мечот оцени дека неговата екипа ја прикажала најдобрата игра сезонава: „Да, може да се каже дека во второто полувреме имавме многу добри шанси за гол. Исто така мислам дека мојот тим одигра една извонредна партија“.

По големата победа над Јувентус во Лигата на шампионите, Баерн продолжи со успесите и во домашното првенство. Жртва на Баварците беше тимот на Бохум, кој беше поразен со 5:1 на гости, а Баерн се искачи на третото место на табелата.

Најголем губитник ова коло е лидерот Бајер од Леверкузен кој прокоцка шанса да им избега на конкурентите уште во петокот. Бајер одигра само 2:2 на гостувањето кај „фенерџијата“ Херта во Берлин. Домаќините иако со играч помалку на крајот на мечот, успеаја да постигнат гол во судиското продолжение и да освојат значаен бод за опстанок.

По црната серија од седум натпревари без победа, во игра се врати и тимот на Хамбург. На гостувањето кај Нирнберг, фудбалерите на Хамбург одиграа одлично второ полувреме во кое постигнаа 4 гола и заслужено ги освоија трите бода.

Flash-Galerie Bundesliga Borussia Moenchengladbach gegen Hanover 96
Борусија Менхенгладбах против ХановерФотографија: AP

Најбизарниот натпревар на колот се одигра во саботата во Менхенгладбах. Домашната Борусија славеше над Хановер со 5:3, во меч, во кој гостите си постигнаа три автогола. Тоа досега се немаше случено во Бундеслигата. Двата последни саботни натпревари завршија со поделба на бодовите. Хофенхајм ги разочара своите навивачи по конечните 1:1 со Франкфурт, додека Келн успеа уште еднаш да одигра без голови на гостувањето кај Фрајбург. По 16 одиграни натпревари, тимот на Келн има постигнато само 7 голови, а примено 15.

Борусија Дортмунд ја продолжи успешната серија и ја забележа третата победа едноподруго со триумфот на гости над актуелниот шампион Волсфбург. Гостите уште на полувремето имаа водство од 3:0, а Волсфбург до крајот успеа да постигне само почесен погодок. „Севкупно победата беше повеќе од заслужена. Ние денес бевме подобра екипа. Мојот тим во првото полувреме одигра извонредно. На тактички план тоа беше одличен настап со убави голови“, изјави тренерот на Борусија Јирген Клоп.

Flash-Galerie Bundesliga FSV Mainz 05 gegen VfB Stuttgart
Судијата Волфганг Штарк му го покажува патот кон соблекувалната на Јенс ЛеманФотографија: AP

Ветеранот на Штутгарт, голманот Јенс Леман беше трагичар на мечот против Мајнц. Штутгарт водеше со 1:0 до последната минута од мечот, кога Леман во шеснаесетникот без причина го турна противничкиот напаѓач Бансе. Судијата му покажа црвен картон на Леман, и им додели пенал на домаќините, преку кој беа поставени конечните 1:1. Претседателот на Мајнц Харалд Штруц жестоко го критикуваше однесувањето на Леман. „Кога играчите на таков начин со постојани провокации го вртат вниманието на јавноста, тоа нема никаква врска со фер плеј. Тоа е излив на гнев и провокација за другите. Имам големи проблеми да го разберам тоа и не го разбирам. Ако тој сега уште провоцира , тогаш тоа е знак дека е дојдено времето да престане да игра фудбал“.

Мајнц, за кој повторно со успех настапи македонскиот репрезентативец Николче Новески, се зацврсти на осмата позиција на табелата.

Автор: БГ/СН/дв

Редактор: Александра Трајковска