1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслига: победа на Баерн во големото дерби против Вердер

7 ноември 2005

Келн ја прекина серијата порази, Скибе ја прослави првата победа со својот нов тим Баер Леверкузен. Нирнберг и натаму без тренер.

https://p.dw.com/p/Aek3
„Го скрши малерот“: Рој Макај
„Го скрши малерот“: Рој МакајФотографија: AP

Баерн го совлада Вердер со 3 спрема 1 и на впечатлив начин ја потврди својата доминација во германскиот фудбал. Швајнштајгер, Писаро и Макај беа стрелци на головите. Рој Макај ја прекина „посната“ серија и по 1124 минути од натпревари во Бундеслигата и во Лигата на шампионите конечно ја затресе противничката мрежа. „Последните недели, всушност, добро се чувствував, но топката едноставно не сакаше да влезе во голот. Денеска конечно се случи и тоа, ние уште и победивме – што повеќе да се посака“ – рече Макај.

Гостинот од Бремен не разочара – напротив, се спротивстави со офанзивна игра, дури и поведе на самиот почеток, по само 36 секунди игра со 12-от гол на Клозе, најдобриот голгетер во досегашниот тек на првенството: „Се разбира дека се радувам што постигнав гол, но позадоволен би бил да освоевме три бода“.

За жал за гостите, израмнувањето дојде по само две минути. Публиката уживаше во врвен натпревар. Претседателот на Управниот одбор на Баерн, некогашниот германски репрезентативец Карл-Хајнц Румениге зборуваше за „фудбал од сништата“. Дури и тренерот на поразениот гостински тим Томас Шааф не можеше да го скрие воодушевувањето: „Ова што го понудија обете екипи беше фантастично. За жал, Баерн ги казни нашите грешки“.

Другите настани во Бундеслигата остаа во длабока сенка на дербито. Хамбургер не ја искористи шансата да скокне на втората позиција бидејќи на гостувањето во Менхенгладбах одигра нерешено 0 спрема 0 со Борусија. „Ние денеска игравме навистина лошо, сите сме свесни за тоа и можеме да бидеме среќни со освоениот бод“ – искрен беше голманот на Хамбургер Штефан Вехтер. Хамбургер остана на третото место со 25 бодови, еден помалку од Вердер и шест помалку од Баерн, но 4 повеќе од Шалке и Херта на четвртото и петото место.

Шалке, по серија од три натпревари без победа, од гостувањето во Дуизбург донесе три бода со победата од 3 спрема 0. Патот кон успехот го трасира репрезентативецот Кевин Курањи, кој уште во 13-тата минута го совлада голамнот на Дуизбург Георг Кох: „Одигравме добар фудбал и создадовме многу шанси. Можевме и победливо да победиме, но мислам дека и 3 спрема 0 е океј“.

Со ист резултат Херта го совлада Кајзерслаутерн, чиј тренер Михаел Хенке е во се’ потешка ситуација, иако и повој пат доби поддршка од претседателот на клубот Рене Јаги.

Малку здив може да земе тренерот на Келн Уве Раполдер: по серија од шест порази, Келн конечно одигра нерешено 1 спрема 1 и донесе бод од гостувањето во Волфсбург. Тоа е заслуга на 19-годишниот Денис Епштајн, кој како резервен играч доби шанса и на две минути пред крајот го постигна изедначувачкиот гол. „Радосен што освоивме бод, но не толку за да скокам од радост. Можеби денеска го направивме пресвртот – веќе против Баерн игравме добро. Сега мораме да ја искористиме паузата од две недели за потоа можеби со победа против Шалке навистина да тргнеме во друга насока“ – изјави Раполдер.

Причини за задоволство има и Михаел Скибе: токму против својот некогашен клуб Борусија Дортмунд го постигна првиот целосен успех во петтиот натпревар откако е тренер на Баер Леверкузен. „Целото второ полувреме беше под знакот на нашите напади. Борусија дојде до изедначување по една брза контра, додека ние уште го славевме нашиот гол, што беше поништен поради офсајд. Тоа беше по малку несреќен момент, но јас сум супер задоволен со она што го прикажа мојот тим особено во второто полувреме“.

Нирнберг дома доживеа пораз од Штутгарт со 1 спрема 0, последен е на табелата со 3 бодови помалку од Кајзерслаутерн и Дуизбург и никако не може да најде тренер, откако отказ доби Волфганг Волф. Последни понудата ја одбија Лотар Матеус и Петер Нојрурер.

Тешка е ситуацијата и за тренерот на Хановер Евалд Линен. Кога гостите од Мајнц поведоа со 2 спрема нула, од трибините беше барано тренерот да си оди. Но, по израмнувањето во финишот на средбата играчите демонстративно се упатија кон тренерот за заеднички да се израдуваат, искажувајќи му ја така својата целосна доверба.

Ајнтрахт во Франкфурт убедливо ја совлада Арминија Билефелд со 3 спрема 0 и сега има 13 бодови, еден повеќе од Хановер, два од Мајнц, три од петнаесеттопласираниот Келн.

За другите настани:

Олимписката победничка Ани Фризингер во Калгари го подобри за 55 стотинки светскиот рекорд во брзо лизгање на 1500 метри, што минатата недела на истата патека го постави светската првенка Синди Класен. 28-годишната германска репрезентативка Фризингер и претходно беше светска рекордерка во таа дисциплина.

Светскиот рекордер Пол Тергат од Кенија и Јелена Прокопчука од Летонија се победници на годинашниот њујоршки атлетски маратон. Тергат беше за само една секунда побрз од минатогодишниот победник Хендрик Рамала од Јужна Африка.

Зоран Јордановски