1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундестагот ја одобри помошта за Грција

28 февруари 2012

Германскиот парламент гласаше за пакетот помош за Грција тежок 130 милијарди евра. Исходот е по волја на канцеларката, но Меркел покажува разбирање и за оние што се сомневаат во курсот на владата.

https://p.dw.com/p/14B7K
Фотографија: Reuters

Ангела Меркел делуваше уморно кога застана на говорницата во Бундестагот. В раце ја имаше владината изјава за вториот пакет помош за Грција. Сакаше да разбуди надеж дека парите ќе бидат добро употребени, иако веќе се зборува и за трет пакет помош. „Нема да ги разубавувам работите“, им рече таа на пратениците, „но Грција има постигнато напредок“. „Новата програма“ ќе донесе „нов пораст“, беше речено. Банките треба да изразат подготвеност за отпис на долговите (53,3 проценти), а Меѓународниот монетарен фонд во помошта за Грција ќе учествува „супстанцијално“. За колку пари станува збор се‘ уште не е јасно.

Hilfspaket Griechenland Debatte Bundestag Steinbrück SPD
Пер Штајнбрик-критики на менаџментот на канцеларкатаФотографија: Reuters

Три часа подоцна, по дебатата во Бундестагот, канцеларката в џеб имаше мнозинство.

„’За’ гласаа 496 пратеници, 90 се против, а петмина воздржани“, објави вицепретседателот на Бундестагот, Волфганг Тирзе.

Големо, но не и смирувачко мнозинство. Зашто го нема таканареченото коалициско мнозинство - за тоа недостигаат седум гласа од пратеничките групи на партиите во коалицијата. Во изминатите денови канцеларката мораше да се бори против сомнежот кој станува се‘ поголем и во редовите на коалицијата околу тоа дека Грција може навистина да се санира.

„Никој не може да процени какви последици би имал неконтролиран банкрот на Грција за нас сите, а со тоа и за луѓето во Германија“, рече канцеларката.

Меркел: Морам да преземам ризици, но не и да влегувам во авантури!

Во говорот во Бундестагот Меркел изрази разбирање за оние што се сомневаат во успех на пакетите за помош. Патетично, речиси како да моли, ги собираше дланките, нагласувајќи: „Шансите се поголеми од ризиците!“ Ќе се внимава точно како се трошат парите од помошта. Нејзините критичари, меѓутоа, бараат да се запре со давањето помош. „Вака нема да напредуваме“, опомена нејзиниот партиски колега Клаус Петер Вилш. Тоа за Меркел е преопасно. „Како канцеларка мора да преземам ризици, но не и да влегувам во авантури. Тоа ми го забранува фиункцијата што ја имам“, одговори таа.

Опозицијата ја критикува Меркел

Тоа што гласањето се одвиваше добро се должи пред се‘ на ставот на опозиционите СПД и Зелените. Пратениците на овие партии гласаа за пакетот помош, но говорниците во Бундестагот нагласија дека тоа не значи и поддршка за Меркел, која беше критикувана и напаѓана. „Предоцна, премалку, пренепрецизно“, рече поранешниот министер за финансии Пер Штајнбрик во оценката на мерките што ги презема владата. Тој е вџашен од она што се бара од Грците во замена за помошта. Земјата мора да биде подготвена на драстично штедење и на строги финансиски контроли, но она што недостига е перпсектива за населението, вели Штајнбрик. „Нема конкретен план за инвестиции“, констатираше тој, „само со стегање не се застанува на нозе“. Сепак, „поради политичката одговорност за Европа“, неговата пратеничка група гласа за пакетот помош. И Ренате Кинаст од редовите на Зелените рече дека нејзината партија не сака да „пушти никого да се урне“, но бара „европски Маршалов план“ за обнова на Грција.

Deutschland Angela Merkel Bundestag Abstimmung Griechenland-Hilfspaket II
Меркел успеа да собере мнозинствоФотографија: dapd

Левите се против пакетот помош за Грција

Единствена пратеничка група која гласаше решително против новиот пакет помош за Грција беше онаа на Партијата на левицата. Шефот на пратеничката група Грегор Гизи предизвика жестоки реакции во салата кога направи споредба на рамковните услови за помошта за Грција со барањата за репарации поставени до Германија по Првата светска војна. Кога од другите пратеници беше повикан да даде објаснување за ваквата споредба, тој рече: „Во случајот на Грција се реализира Версај, а ним им е потребен Маршал“. Политичарот на левицата стравува дека „уништувачката политика на кратење“ на минималните плати во Грција ќе ја втурне земјата во уште поголема катастрофа.

Автор: Хајнер Кизел / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска