1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бунтовниците во Триполи, не се знае каде е Гадафи

22 август 2011

Силите на либиските бунтовници, според сопствени наводи, влегоа во Триполи и зазедоа големи делови од градот, меѓу нив и Зелениот плоштад каде се собираа приврзаниците на режимот. Нема информации каде е Моамер ел-Гадафи.

https://p.dw.com/p/12L5J
Славје во ТриполиФотографија: dapd

Оној кој во текот на ноќта ја следеше програмата на либиската државна телевизија можеше да види патриотска музика и слики на некогаш гордата армија, со повремено телефонско вклучување на Гадафи.

Bürgerkrieg in Libyen Erfolg der Rebellen ARCHIV
Гадафи се закануваФотографија: dapd

Моамер ел-Гадафи наведуваше племиња кои наводно се’ уште му се лојални, повикувајќи ги на битка во Триполи за да ја одбранат Либија на Гадафи, или во спротивно, ќе се врати колонијализмот.

Истовремено, на сите информативни канали кои режимот не ги контролира, се емитуваа пораки од опозицијата. Претседателската гарда го положила одружјето и се предала, а на аеродромот во либискиот главен град по полноќ слетале два авиона од Јужна Африка. Изминативе денови се шпекулираше, дека Гадафи планира бегство во Јужна Африка.

Уапсен е и Саиф ел-Ислам

Двајца синови на Гадафи, во меѓувреме, се уапсени. Меѓународниот кривичен суд во Ден Хаг потврди дека едниот е најпознатиот син на Гадафи, Саиф ел-Ислам. Против него е отворена меѓународна потерница со обвинение за сторени тешки воени злосторства.

Saif al-Islam Gaddafi
Саиф ел-Ислам е уапсен, потврдено е во Ден ХагФотографија: AL ARABIYA

„Јас сум овде, меѓу вас, во Триполи“, тврдеше синоќа Моамер ел-Гадафи преку телефон, со надеж дека стравот ќе ги натера жителите на Триполи да им се спротивстават на бунтовниците на улиците во градот. Тој се закани и со пропаст:

„Триполи ќе се претвори во шут и пепел. Нема да има ни вода, ниту струја. Ќе живеете во страв. Ќе ве убијат. Овие луѓе не ги интересира дали Либија гори или не“, рече Гадафи.

Се слави победа

Меѓутоа, онаму каде што ќе стигнат бунтовниците, луѓето излегуваат на улиците, не од страв, туку од радост. Единиците на бунтовниците наидуваат на изненадувачки мал отпор, со исклучок на малкумина стрелци на покривите. Во два часот по полноќ се прошири информацијата дека Триполи го контролираат бунтовниците. Зелениот плоштад е веќе преименуван во Плоштад на мачениците. Луѓето излегоа на улиците, газејќи ги плакатите на Гадафи, стрелаат во воздух и непрекинато се радуваат.

Bürgerkrieg in Libyen Erfolg der Rebellen
Фотографија: dapd

Во очекување да падне режимот на властодржецот Моамер ел-Гадафи, во другите градови во Либија, како Бенгази, Ал Завија или Мисрата, во текот на ноќта на улиците се прославуваше победа. Махмуд Чамнем од Националниот преоден совет порача дека во земјата прво ќе треба да се врати редот, а луѓето се повикани не само да го штитат јавниот имот, туку и непријателите, за да се спречат акти на одмазда. Освен ова, треба итно да биде надминат политичкиот вакуум.

Автор: Јирген Стријак / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема