1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бунтовниците убија моќен генерал

БГ/макфакс18 октомври 2013

Во борба со сириските бунтовници убиен е еден од најмоќните сириски генерали Џамех Џамех, објави сириската државна телевизија. Опозицијата тврди дека тој бил застрелан со снајпер.

https://p.dw.com/p/1A1tO
Фотографија: Getty Images

Бунтовниците во четвртокот со снајпер убиле еден од поважните генерали на сириската воена разузнавачка служба, соопштија сириската државна агенција Сана и опозициските активисти.

Сириската државна агенција соопшти дека генералот Џамех Џамех бил застрелан во населбата А-Рашидија во градот Деир ал-Зор во источниот дел од земјата, во покраината којашто е во поголемиот дел под контрола на бунтовничките сили кои од март 2011. година безуспешно се обидуваат да го соборат од власта претседателот Башар ал-Асад.

Опозициската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон која се повикува на свои активисти на теренот, соопшти дека генералот Џамех бил дел од потесниот круг соработници на претседателот Асад и еден од најистакнатите воени функционери во Сирија.

„Генералот Џамех маченички е убиен додека ја извршуваше својата национална должност во одбрана на Сирија и нејзиниот народ и ги прогонуваше терористите во Деир ал-Зор“, пишува Сана.

Опсерваторијата, повикувајќи се на својата мрежа активисти на теренот, извести дека генералот бил убиен во текот на битка со бунтовничките единици меѓу кои биле и некои групи поврзани со Ал Каеда.