1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бунт во најголемиот центар за мигранти во Грција

АТ/ макфакс/ миа11 август 2013

Мигранти од Блискиот Исток и африканските земји сместени во камп во близина на Атина предизвикаа безредија незадоволни од одлуката, тие да можат да бидат задржувани подолго во кампот.

https://p.dw.com/p/19NaZ
Фотографија: AP

Во главниот центар за притвор на илегални мигранти во Грција, североисточно од Атина, избиле немири во кои се повредени најмалку 10 полицајци.

„Десет полицајци се повредени (...) Испратени се полициски сили за разбивање демонстрации и ситуацијата се смирува“, изјави полициски портпарол.

Според атинската полиција, безредијата започнале во саботата попладне за време на ручекот. Повод за протестот на приведените илегални мигранти била одлуката да биде продолжен рокот до кој тие може да бидат задржани во кампот.

За време на немирите биле запалени неколку душеци и простории за сместување на приведените мигранти. Полицијата соопшти дека насилството на мигрантите не било предизвикано од дејства на вработените во кампот. Телевизиите во Атина објавија инсерти на кои се гледа како гори во центарот Амигдалез (на насловната фотографија: Мигранти и грчки полицајци во Амигдалез / архива).

Вкупно во овој камп имало 1.500 лица кои нелегално ја минале грчката граница. Станува збор главно за мигранти од Блискиот Исток и африканските земји кои честопати исто така илегално влегуваат и во Македонија во обидите да дојдат до западноевропските земји.