1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Буре барут” во Берлин

Силвера Падори24 октомври 2008

Со драмата на Дејан Дуковски во режија на Димитер Гочеф и изведба на „Дојче Театар“, синоќа се отворени Берлинските театарски игри.

https://p.dw.com/p/Ffol
„Балканот не е мртов“ потсетија актерите кои во еден здив го изведоа „Буре барут“ во престолнинатаФотографија: Anila Shuka

Берлин синоќа беше Македонија! Со музиката и „Буре Барут” на Дејан Дуковски, во изведба на „Дојче Театар“ стартуваа Берлинските театарски игри. Режисерот од бугарско потекло, Димитер Гочеф, преку единаесетте слики на насилството, тага, помирувањето, среќата, новиот живот, светот на жртвите и извршителите, го запали фитилот на „Бурето барут”, кој најексплозивно го долови годинешново фестивалско мото „Крајот - Почеток”. Текстот, режијата, актерската игра, музиката беа само редица боксови кои ја нокаутираа публиката.

Да не се заборави Балканот

„Ова е приказна за јаболката, мајките, синовите, смртта.” - кажува Гочеф, кој балканските маки и пороци ги отслика во првата и последната импресивна сцена кога стотици и стотици јаболка се истркалаа по сцената и паѓаа врз актерите.

Szenen aus "Pulverfass" von Dejan Dukovski
Сцена од „Буре барут“Фотографија: Anila Shuka

Зошто по 8 години во Грац, Гочеф повторно го работи делото на Дуковски? „Балканот не е мртов... Еден југословенски писател еднаш кажа: ’Ѕидот, што падна тука во Берлин, падна врз нашите глави!’ немав коментар. Но, една од причините зошто ’Буре Барут’ го работам среде Берлин е што војната, која пред 10 години беснееше на Балканот брзо е заборавена, потисната. Западот има голема вина зашто ја поддржа поделбата на земјата. Не сакам да коментирам, но за мене беше важна поезијата на текстот на Дуковски, која ја сметам за балада.“ - кажува Гочеф и дополнува дека претставата не е повторување на онаа од Грац, зашто екипата актери со кои работи се уметници, кои не може да се повторат. Тоа се личности кои го внесуваат својот свет во работата.

Дуковски за најновата поставка забележува дека и тука се потврди дека „Буре Барут” е универзална приказна, која не познава време ни локација. И тој не го крие задоволството од екипата актери и позитивната енергија која ја вдахнуваат заедно со режисерот и музичарите на Сенди Лопичич, кои ги испеаа „Зајди, зајди“ и „Љиљано моме“.

Воодушевување кај публиката

И навистина македонската и балканска музика продуцирана на сцената од оркестарот на Сенди Лопичич и актерската екипа предводена од Самуел Финци, Волфрам Кох, Маргит Бендокат, Биргит Минихмајр со право ги заслужија комплиментите и аплаузите кои им ги подари публиката.

Szenen aus "Pulverfass" von Dejan Dukovski, Regie: Dimiter Gotscheff, Eröffnung der Theatersaision "spielzeit'europa" am 23.10.08 in Berlin
Изведба на „Буре барут“ во БерлинФотографија: Anila Shuka

Како гледачите го доживеа „Буре барут“?

„Воодушевена сум. За мене ова е македонски или балкански Брехт.“

„Едно прекрасно исценирање, еден извонреден театар, една одлична актерска група која набљудува и пренесува. Кај одделни сцени ме полазеа морници. Балканот беше на сцена преку преубавата музика, страста, присутноста на актерите, нивната јасност и емотивност.“

„Ми треба малку време се да преџвакам. Имаше врвови и падови."

„Текстот заедно со сликите на сцената во иста мерка ме погодија. Имаше толку силина во она што го пренесоа актерите, што едноставно нивните зборови ме удираа в глава во форма на лутина и едновремено прашања, тага... Се беше музика! Не само онаа која се свиреше во позадината, туку тоа беше непрекинато давање, земање, сакање, можење и неможење, се’ она што театарот може да даде, а што денес за жал, толку ретко се очекува.“