1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бусек:не треба да се обесхрабрувате

Горан Петрески18 октомври 2006

Со оваа изјава, по Баросо и Меркел и координаторот на Пактот за стабилност, Ерхард Бусек и се приклучи на низата воздржани оценки за брзината на македонското приближување до Европа.

https://p.dw.com/p/Adbg
Ерхард Бусек
Ерхард БусекФотографија: dw-tv

“Не прашувајте за датуми, тоа е најголемата бесмислица што постои, мислам дека е потребно Македонија и другите земји од регионот да напредуваат, да ги исполнуваат условите, да ги следат препораките. Колку повеќе се приближуваат до сите правила што постојат во Европската Унија толку никој нема да може да ги одбие“,

Со оваа изјава, по Баросо и Меркел и координаторот на Пактот за стабилност, Ерхард Бусек и се приклучи на низата воздржани оценки за брзината на македонското приближување до Европа. Сепак, координаторот на Пактот, вчера од Скопје порача дека Македонија не треба да ја обесхрабруваат случувањата во Европската унија и сигналите за воздржаност.

“Вистинскиот проблем во моментов е тоа што Европската унија и земјите членки се целосно преокупирани со нивните внатрешни дискусии кои во реалноста немаат ништо се проширувањето. Тоа е прашањето за уставот и останатите внатрешни проблеми, зависи од земјите членки да покажат дека се способни да дејствуваат а во меѓувреме земјите од регионот да напредуваат во трансформацијата“, рече Бусек.

Тој е во дводневна посета на Македонија, како дел од балканската турнеја по повод трансформацијата на Пактот за стабилност во Регионален центар за соработка. Со претседателот на собранието а Македонија Љубиша Георгиевски разговараа за тоа како македонскиот парламент може да придонесе за регионалната соработка откако ќе згасне Пактот и ќе се формира новото тело. Наместо Европската Унија, како што беше досега, управувањето со Пактот до 2008-та година треба да го преземат земјите од регионот. Сепак, тоа не ја исклучува меѓународната помош. Финансирањето на проектите ќе се координира од Регионален центар. Земјите од Југоисточна Европа ќе учествуваат со една, а Европската Комисија со две третини од финансиите. Пактот за стабилност беше формиран пред неколку години со цел да придонесе за развој на земјите од Југоисточна европа. Дел од проектите предвидени со Пактот останаа недовршени или се реализираат бавно.

Во агендата на Бусек за денеска е предвидена средба со премиерот Никола Груевски. Тој ќе се запознае со новата влада и нејзините приоритети.