1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бушидо - раперски закани и навредувања на политичари и малцинства

Маркус Литике / Александар Метдојев17 јули 2013

Навреди, забелешки за хомосексуалците и фантазии за напад на политичари - раперот Бушидо со својата нова песна привлече бројни критики врз себе. Тој предизвика јавна дебата, која е добредојдена за продажбата на новото ЦД

https://p.dw.com/p/199is
Фотографија: Getty Images

„Стрес без причина“ се вика новата песна на германскиот рапер Бушидо, која предизвика многу стрес и би можела да го донесе пред суд. Градоначалникот на Берлин Клаус Воверајт и пратеникот во Бундестагот од редовите на либералите Серкан Торен поднесоа кривична пријава против музичарот.

Причината за тоа е што Бушидо рапува со вулгарен избор на зборови за хомосексуалноста, а натаму во текстот стои: „Сакам сега Серкан Торен да пасе трева“, а потоа можат да се слушнат два истрели. Торен е портпарол за интеграциски прашања на ФДП во германскиот Бундестаг.

Исто така и претседателката на Сојузот 90/Зелени е остро нападната од Бушидо. „Пукам на Клаудија Рот и таа ќе има дупки како голф терен“, рапува Бушидо.

Што смее да биде уметност?

Уметничка слобода или искази кои можат кривично да се гонат? За Серкан Торен изборот на зборови што го направил Бушидо нема никаква врска со уметноста.

FDP Abgeordneter Serkan Tören
Серкан Торен, пратеник во Бундестагот од редовите на либералитеФотографија: FDP

„Со повикот за насилство, со повикот за убиство, со нападот на малцинствата е помината границата“, вели политичарот од ФДП. „Замислете си под превезот на уметноста да може секој во иднина да прави се’ и секого да го навредува. Тоа едноставно не може“, додава Торен.

Тој пред неколку месеци побара од Бушидо да ја врати наградата Бамби, којашто ја доби од големата германска издавачка куќа Бурда во 2011 година за неговиот ангажман за прашања поврзани со интеграцијата. Во ваквото барање Торен не е осамен, бидејќи стана познато дека Бушидо е поврзан со мафијашки клан од Берлин.

Бизниси преку омраза и насилство

Никакви правни чекори во овој случај нема да преземе политичарката од зелените Клаудија Рот. Но, и таа е навредена што „некој кој се нарекува уметник, а повеќе нема добри продажби и полни концертни сали, очигледно смета дека ќе може да прави бизнис со груби забелешки и повици на омраза и насилство“.

63. Bambi Verleihung Wiesbaden Bushido
Фотографија направена на церемонијата за доделување на наградите Бамби, на која Бушидо ја доби интеграциската наградаФотографија: picture-alliance/dpa

Бушидо сакал да привлече само внимание за своето ново ЦД и да ги зголеми бројките на продажба, смета психологот Габриеле Хофман. „Провокацијата ја загрева продажбата, а тоа всушност и му беше целта на Бушидо“, вели Хофман.

Нема знаци на каење

Ова сосема искрено го признава и самиот рапер. „Од перспектива на бизнисмен ова беше супер. Ние сме на прво место - за 48 часа имаме 1,2 милиони кликови“, изјави Бушидо во едно телевизиско интервју. Тој притоа не покажа знаци на каење.

Според првичните проценки на правниците, Бушидо од правен аспект не би требало многу да се грижи. Правилата за заштита на уметничката слобода се многу високо поставени од Сојузниот уставен суд, смета портпаролот на Берлинското јавно обвинителство Томас Фелс.

Најверојатно песната ќе биде ставена на т.н. Индекс листа, односно на листата на материјали кои не треба да бидат достапни за деца и тинејџери. Листата ја создава Сојузната служба за медиуми штетни за младите лица, која е дел од Сојузното министерство за семејство. Насловите кои се ставени на оваа листа не смеат да им бидат продавани на млади под 18 години. За возрасни лица тие можат да бидат доставени по испратено барање.

Шинди, рапер-партнерот на Бушидо, ги повика своите фанови преку Твитер бргу да го купат албумот, пред тој да биде повлечен од продавниците. А, и тоа е стратегија за зголемување на продажните бројки.