1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш: Америка е нација со мисија

21 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AcQV
Во синоќешното обраќање до нацијата американскиот претседател Џорџ Буш уште еднаш ја оправда војната во Ирак и апелираше до сограѓаните да се држат до неговото водство во изборната 2.004-та. Овој пат меѓутоа тој не им се закануваше на државите од "оската на злото" како во претходните години, туку голем простор им посвети и на внатрешно-политичките теми, на подобрувањето на здравстеното осигурување, решавањето на проблемите на средната класа и социјално слабите слоеви. Со оваа изборна стратегија, Буш помладиот сака да ја одбегне судбината на татко му, кој иако излезе како победник од Заливската војна, сепак мораше да си замине од Белата куќа веќе по првиот мандат. "Америка вечерва е нација повикана на големи одговорности и ние се креваме за да се справиме со нив. Додека ние вечерва се среќаваме стотици илјади американски службеници се разместени ширум светот во служба на војната против тероризмот. Тие и' обезбедуваат поголема сигурност на Америка така што им носат надеж на угнетените и ја извршуваат правдата кон насилниците" - рече Џорџ Буш на почетокот од едночасовното обраќање пред двата дома на американскиот Конгрес. Според него Американците се наоѓаат пред избор: или да продолжат понатаму на зацртаниот пат со увереност во победата или да се свртат назад кон опасната илузија дека терористите не кројат никакви планови: "Наша најголема одговорност е активната одбрана на Американскиот народ. Поминаа 28 месеци од атентатите од 11. септември, тоа се повеќе од две години без атентат на американска почва. Многу заводлива е помислата дека заканите се минато. Таквата надеж би била разбирлива, олеснувачка, но исто толку и погрешна" - нагласи Буш, додавајќи дека терористичките организации и понатаму планираат напади врз САД и цивилизираниот свет. Дел од таа офанзива против тероризмот е конфронтацијата и со оние држави кои им даваат подддршка на терористите и ги снабдуваат со оружје за масовно уништување. Благодарејќи на американската водечка улога и решителност светот се менува на подобро, оцени Буш, посочувајќи на промената на курсот на либиското раководство. Исто така "Ние ја прогонуваме Ел Каида низ целиот свет и речиси две третини од нејзината раководна структура се до сега уапсени или убиени, исто како и 45 од вкупно 55 најбарани членови на поранешниот ирачки режим." Џорџ Буш помладиот вети дека Америка ќе ги доврши историските мисии во Авганистан и Ирак. "Америка е нација со мисија, што проистекува од најдлабоко уверување. Ние немаме желба да доминираме, ниту пак амбиција да создадеме империја. Наша цел е демократски мир, што почива врз достоинството и правата на секој човек."