1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш верува во силата на американската економија

23 јули 2008

Кога Америка ќе кивне, другиот дел од светот кашла. Овој афоризам не е далеку од вистината, посебно кога се во прашање економските текови. Кризата сепак нема да остави драматични последици врз германските банки.

https://p.dw.com/p/EhU1
Пазарот на надвижнини во САД изгоре билијардиФотографија: AP

САД во овој период стенкаат под товарот на кризата на пазарот на недвижнини што директно ја предизвика и големата криза во финансискиот сектор. Курсот на берзите паѓа, нафтата е скапа како никогаш досега, се заканува рецесија. Претседателот Џорџ Буш сепак и натаму верува во силата на американската економија да излезе на крај со сите проблеми.

„Минуваме низ тешки времиња. Но, нашето стопанство и натаму бележи раст, луѓето купуваат, фирмите инвестираат, извозот расте, а продуктивноста е висока. Ние можеме да имаме доверба во нашето стопанство на долг рок и на крајот ќе бидеме посилни од било кога“, вели Буш.

Буш не исклучи ни втора рунда на даночно растоварување за да се поттикне конјунктурата, што е поздравено во банкарските кругови. Американската емисиона банка во најновата прогноза за годинава очекува стопански раст помеѓу 1 и 1,6 насто; во априлската прогноза стануваше збор за раст до најмногу 1,2 процента.

Какво и колкаво може да биде влијанието на финансиската криза во САД врз Германија?

Мартин Фауст, професор по банкарство на Франкфуртската школа за финансии и менаџмент проценува: „Потенцијалот на опасност се состои во тоа што некои германски кредитни институти и самите се активни на американскиот пазар на недвижнини. Второ, кредитите се продавани и посеани ширум светот, па и во Германија. И трето, хипотекарната криза, сметам, ќе и’ нанесе потрајна штета на конјунктурата во САД“.

Не може да се очекува брзо опоравување на американската економија, смета Фауст и вели: „Секако ќе мораме да почекаме уште една година - а опоравено американско стопанство ни е битно за да избегнеме поголеми проблеми овде. Мислам дека уште една година ќе има турбуленции, но за германските кредитни институти нема да биде толку драматично, за да дојде до банкроти“.