1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш во Будимпешта

22 јуни 2006

Таму домаќинот Ласло Солиом, покрај благодарноста што високиот гостин од Вашингтон најде време да дојде токму во годината од крвавото задушување на востанието на унграскиот народ против советскиот јарем, најде и зборови на предупредување за американската политика.

https://p.dw.com/p/Ac5Y
Буш и Солиом со сопругите во Будимпешта
Буш и Солиом со сопругите во БудимпештаФотографија: AP

Пред 50 години тенковите на советската армија крваво ги задушија унгарските копнежи по независност. Тогашните востаници, кои го ризикуваа своите животи, се чувствуваа обврзани кон вредностите, кои и денеска ги поврзуваат Унгарците и Американците, имено слободата, човековите права и правото на самоодредување.

„Оваа заедница на вредности не обврзува и нас, ние мораме овие вредности веродостојно да ги застапуваме во светот. Една од тајните на успешниот политички пресврт во Унгарија беше тоа што ни во вонредните историски околности не си дозволивме да го нарушиме законот и уставот. Верувам дека борбата против тероризмот може да биде успешна само ако при секој чекор се придржуваме до правилата на меѓународното право и ако ги почитуваме човековите права. Затоа ги поздравувам соодветните обврски од Виенската декларација„ – порача унгарскиот Претседател Ласло Солиом.

Џорџ Буш не се осврна на ваквите зборови на домаќинот, што ги проследи со смрзнат израз на лицето. Тој меѓутоа уште на вчерашната средба со врвните политичари на ЕУ на самитот во Виена најави дека има намера да го затвори озлогласениот затвор на Гвантанамо кога ќе биде расјаснето што понатаму со затворениците кои се во него. Во Будимпешта Буш се заблагодари за гостопримството и потсети повеќе на историската рамка на неговата посета:

„Овде сум за да и одадам почит на револуцијата од 1956-та година. Револуција што ја застапуваше идејата дека сите мажи и жени трена да бидат слободни. Овде сум освен тоа за да го зацврстам пријателството меѓу Унгарија и САД. ВИ пренесувам поздрави од илјадници Американци со унгарско потекло, кои се многу горди на нивната татковина и традиција. Исто така ги пренесувам поздравите од една нација, што и‘ се одушевува на вашата храброст и на вашата работливост, имено да сторите се‘ што е неопходно за да се зацврсти демократијата.„

Овие зборови на Џорџ Буш помладиот имаат посебна политичка тежина, бидејќи токму неговиот татко, Џорџ Буш сениор, дојде во Унгарија летото 1989-та и го поддржа унгарскиот народ за време на политичкиот пресврт што ја урна „железната завеса„ меѓу Источниот и Западниот блок. Соодветно на тоа се постави и унгарскиот премиер Ференц Ѓурчани, кој за разлика од претседателот Солиом, изјави дека Европејците треба конечно да се откажат од погрешната претстава дека Европа ја отеловува моралноста, а Америка ефикасноста. Демократите од обете страни на океанот имаат задача да се погрижат „моралот и ефикасноста да одат рака под рака„ – нагласи унгарскиот премиер.