1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш гаѓан со чевли

15 декември 2008

Место на настанот: канцеларијата на ирачкиот премиер. Сторител - новинар од една ирачка телевизија.

https://p.dw.com/p/GGKR
Проштална посета на Џорџ Буш на ИракФотографија: AP

Додека американскиот претседател Буш и ирачкиот премиер Ал-Малики одговараа на новинарски прашања, еден човек стана и го фрли едниот, па другиот чевел кон американскиот претседател. „Ова е бакнеж за разделба од ирачкиот народ, куче едно“ - извика револтираниот новинар. Двата чевела го промашија Буш и завршија во ѕидот зад него. Очигледно американскиот претседател има добри рефлекси. Лицата од обезбедувањето веднаш го соборија напаѓачот и го изведоа надвор од просторијата. Буш го сфати инцидентот како шега и подоцна искоментира дека чевелот мора да бил број 43, додавајќи дека не се почувствувал загрозен. Да удрите некого со чевел и да го наречете куче, животно што на Блискиот Исток важи за посебно нечисто, е една од најголемите навреди што постојат во арапскиот свет. Во текот на конференцијата, возбудениот новинар едноставно не можел да се воздржи, вели Мохамед Абдул Рахман, негов колега. „Човекот не можеше да се контролира. Господинот Буш зборуваше за наводните успеси во Ирак, за достигнувањата што ги остварил, за демократијата... Меѓутоа, реалноста е поинаква. Нема струја, нема никакви служби, ништо не се гради. Затоа мојот колега сакаше да го навреди Буш и да му каже, ти си лажго, со нас нема така лесно да поминеш.“

Bildgalerie Krieg Irak Sad´dam Hussein Denkmal Bagdad
Една од урнатите статуи на Садам ХусеинФотографија: AP

Чевли се фрлаа и по статуата на Садам

Според Абдул Раман приказната е иронична, бидејќи откако Американците го соборија режимот на Садам Хусеин, во 2003, луѓето фрлаа со чевли кон неговата статуа. Но, сега Буш беше тој што ги доби чевлите.

Пред прес-конференцијата, Буш и Ал-Малики симболично ја потпишаа спогодбата за натамошното присуство на американските безбедносни сили во Ирак. Сите војници треба да ги напуштат ирачките градови до јуни, наредната година, а од целата земја треба да си заминат најдоцна до 2011. А, колку потфрлил американскиот претседател во заминување, кога се работи за Ирак, покажува еден интерен извештај на американската влада, што „Њујорк тајмс“ го цитираше викендов. Парите што американската држава ги издвоила за обнова на Ирак до средината на оваа година, односно 120 милијарди долари, се покажале како неделотворни - се вели во текстот. Вашингтон не сфатил доволно како функционира ирачкото општество, поради некомпетентноста и игнорирачкиот став.

George W. Bush
Вашингтон не сфатил како фунционира ирачкото општество - пишува дел од американскиот печатФотографија: AP