1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш и Меркел ги бранеа израелските постапки во Либан

Моника Дитрих13 јули 2006

Од меѓународните теми во преден план сепак бил атомскиот спор со Иран. Комплименти од Буш за Ангела Меркел

https://p.dw.com/p/Ac4z
Меркел и Буш
Меркел и БушФотографија: AP

Американскиот претседател Џорџ Буш и германскиот канцелар Ангела Меркел по денешната средба во Штралзунд демонстрираа согласност во врска со тешката ситуација на Блискиот исток. „Израел има право да се брани. Секоја земја мора да се брани од терористички напади“ – рече Буш на заедничката прес-конференција со Меркел по политичките разговори што ги водеа. „Има групи терористи кои сакаат да го запрат мировниот процес. Радикално-исламскиот Хезболах не сака мир, а и милитантното крило на Хамас исто така не сака мир. Но, оние меѓу нас, кои сакаат мир, мораат да соработуваат за да им помогнат на Израел и на претседателот на Палестинците Абас, како и на сите други, за да се постигне мир“.

Буш забележа дека што и да прави Израел, тоа не смее да води кон слабеење на позицијата на владата во Бејрут, оти според него демократско раководство во Либан е основа за мир во регионот.

Ангела Меркел предупреди во конфликтот да не се помешаат причините и дејството, и укажа дека појдовна точка било грабнувањето на израелски војници и однесувањето на милициите на радикално-исламистичкото движење Хезболах. Таа побара од сите вмешани страни да постапуваат со мера: „Ние само можеме да ги повикаме сите да го запрат ова насилство, конечно да ги ослободат војниците и да ги запрат ракетните напади врз израелска територија“.

Во разговорот на Буш и Меркел од меѓународните теми станало збор и за претстојниот самит на Г 8 во Санкт Петерсбург, како и ситуацијата во Судан, Конго и во Северна Кореја. Но, во преден план сепак бил атомскиот спор со Иран.

Меркел искажа жалење дека раководството во Техеран досега не реагира на најновите преговарачки предлози на петте земји со право на вето во Советот за безбедност на ОН, и на ЕУ. Затоа таа смета дека е на место што Советот сега повторно ќе се занимава со конфликтот. Ако Иран не се откаже од облагородување на ураниум, мора да се оди по друг пат, вели Меркел: „Вратата за преговори не е затворена. Но, Иран мора да знае и дека оние кои ја поднесоа понудата се расположени и заеднички да дејствуваат и дека тоа јасно ќе го покажат со Резолуција во Советот за безбедност“.

Буш и’ се заблагодари на германската влада за напорите вложени во преговорите со Иран. Постои интерес кај сите меѓународни прашања проблемите да се решаваат заеднички: „Важнио е Европа да зборува со еден заеднички глас. За мене и за Ангела Меркел е важно и да соработуваме со Русија. Мораме да го охрабриме и претседателот Владимир Путин да настапи заеднички со нас наспрема Иран и да покаже дека не се шегуваме и дека светот е обединет и опстојува врз тоа Иран да нема атомска бомба“.

Џорџ Буш, инаку, свечено беше пречекан во центарот на Штралзунд град во источниот дел на Германија, на брегот на Балтикот. Тој срдечно ја прегрна Меркел, со бакнеж на образот и со многу комлименти: „Многу сум горд што можам Ангела Меркел да ја наречам добар пријател. Таа има смели визии и срце полно со понизност, подготвена е за донесување тешки решенија и многу полага врз силни партнерства. Како и многумина во меѓународната заедница, и јас имам голем респект за нејзината способност за просудување и полагам врз нејзиното мислење“.

Ангела Меркел на гостинот му сигнализира дека германско-американското пријателство и лежи на срце: „Ова е добра можност Вам да Ви се заблагодари за помошта од американскиот народ и влада во врска со повторното обединување на Германија. Ние знаеме дека треба да сме им многу благодарни на САД што денес можеме заеднички во мир и слобода да живееме во една земја“, рече Меркел.

На маргините на државничката посета на Буш протестираа поборници за човекови права и мировни активисти, кои ја критикуват политиката на американскиот претседател. Но, приотестите нема да стигнат до него, оти целиот регион околу Штралзунд е херметички блокиран. Продавниците во центарот на градот не работат, граѓаните за да можат да дојдат до своите станови во забранетата зона мораат да се подложат на контрола Околу 12 ипол илјади полицајци се во акција за обезбедување на посетата на американскиот претседател.