1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш и Путин на неформална средба

1 јули 2007

Руско американските односи во моментов се на најлошо ниво од крајот на студената војна. Двајцата претседатели ќе се обидат да ги поправат нештата.

https://p.dw.com/p/B85o
Буш и ПутинФотографија: AP

Џорџ Буш за време на неодамнешната посета на Албанија јасно даде до знаење дека САД се подготвени да ја признаат независноста на Косово и без резолуција на ОН. Од друга страна министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров, постојано ја повторува руската позиција по ова прашање

“ Договорот за идниот статус на Косово може да биде постигнат само доколку биде прифатлив за двете страни. Ние сме за продолжување на преговорите и мерките кои ќе ги преземеме ќе ги координираме со српската страна“

И кога станува збор за ракетниот одбранбен систем во Полска и Чешка, ситуацијата не изгледа подобро. Предлогот на Путин за заедничко користење на радарот во Азербејџан предизвика изненадување и кратко воодушевување на западот. Меѓутоа, набргу кај Американците преовлада скептицизмот и сега никој во Кремљ не очекува дека околу ова прашање ќе биде постигнат договор:

"САД увидоа дека Русија сака да стане глобален актер на светската политичка сцена. Истовремено владее вознемиреност заради руската испорака на оружје за Сирија и Иран. Освен тоа тука се и отворените закани дека Русија ќе ги насочи своите нуклеарни ракети кон цели во Европа, доколку САД навистина го инсталираат својот одбранбен систем во источна Европа. Во ваквата атмосфера се вклопува и последниот успешен тест на интерконтиненталните ракети од типот Булава, кои лесно можат да носат нуклеарни глави. Тоа е јасен сигнал на воена моќ, кој гласи: “Можеме и поинаку“

Дека на Путин му се допаѓа постојано да испраќа отровни стрели преку Атлантикот, се покажа неодамна. Со своето толкување на американската историја, тој сакаше да ги релативизира ужасите од времето на Сталин:

“ Во секој случај, ние не фрлавме атомски бомби на цивилно население. Не растуравме хемикалии на илјадници квадратни километри. Не бевме ние оние кои врз таква мала земја, како што е Виетнам, фрливме седум пати повеќе бомби од оние кои беа исфрлени за време на Втората светска војна“

Можеби тоа добро звучи во Русија, но сигурно не е конструктивен придонес за партнерството со САД. Значи, има многу причини за несогласување. Останува да се види дали присуството на Буш постариот, ќе им помогне на двајцата претседатели да решат барем некои од спорните прашања.