1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш и‘ рече збогум на ЕУ

Елизабета Милошевска Фиданоска10 јуни 2008

Теми доволно за една цела недела заседавање, а самитот сепак трае само неколку часа - во Брдо, Словенија челниците на ЕУ и американскиот претседател, Џорџ Буш разговараат за најважните светски проблеми.

https://p.dw.com/p/EGy8
Џорџ Буш и домаќинот Јанез ЈаншаФотографија: AP

Иранската атомска програма, ситуацијата во Ирак и Авганистан, Балканот, Блискиот исток, промените на климата и трговските односи - што се‘ не стоеше на дневниот ред на овој самит на ЕУ и САД. Средба со многу теми и мали очекувања. Од самитот не се очекуваше пробив по најважните прашања. Тоа советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Стивен Хедли, го стави јасно до знаење уште пред почетокот на средбата во Брдо.

Што може да се стави под линијата како успех?

Тоа, ако се суди според предлог завршната декларација од самитот, веројатно е заедничкиот став на Европејците и Американците дека владата на Иран мора да ги исполни меѓународните барања во врска со атомската програма, или ќе следуваат натамошни санкции. Освен тоа, американскиот претседател и‘ вети на ЕУ целосна поддршка за мисијата ЕУЛЕКС на Косово, која треба да помогне во изградбата на правна држава. Во очи на самитот, денеска, инаку Буш со словенечкиот премиер Јанша, разговарал и за ситуацијата на Западен Балкан. Според еден од портпаролите на словенечкото претседателство со унијата, прашањето на американскиот претседател било фокусирано пред се‘ на Србија и Македонија, но детали за содржината на разговорите не се соопштени.

Според очекувањата, нема напредок по прашањето на климата. Американците и натаму одбиваат да се обврзат на целите за заштита на климата определени во протоколот од Кјото, но како што се вели во предлог-декларацијата од денешниот самит, ЕУ и САД ќе продолжат да работат на глобален договор за заштита на климата.

Почна во Словенија и таму и завршува

Ова е последното патување на Џорџ Буш по земјите од ЕУ. Самиот рече дека првата турнеја по Европа како американски претседател ја почнал во Словенија, каде почнува и неговото последно патување на оваа функција. За политичките разговори со првите луѓе на ЕУ беа предвидени вкупно седум часа. Време немаше многу. Сепак, овој самит е повеќе од автоматско реализирање на еден обврзувачки термин на престиж. Тој, за време на турбулентните предизборни времиња, треба да послужи за во САД да се демонстрира колку е сепак солиден трансатлантскиот однос, наспроти сите недоразбирања од последно време и актуелните кризи.

Потпретседателот на Европската комисија, Гинтер Ферхојген, кој е присутен на самитот, е убеден дека „...има вредности кои што не‘ поврзуваат. ЕУ и САД имаат повеќе заеднички нешта од кои било други два региони во светот.“