1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш му го "промени мислењето" на Блер

2 февруари 2004

- обајцата најавуваат независна истрага за информациите на тајните служби околу наводното ирачко оружје за масовно уништување

https://p.dw.com/p/AcQI
Американскиот претседател Џорџ Буш денеска официјално објави дека ќе биде спроведена независна истрага за спорните информации на тајните служби околу постоењето наводно ирачко оружје за масовно уништување. Комисијата треба да биде натпартиска, рече Буш по седницата на кабинетот во Вашингтон. Во неа ќе има претставници и на Републиканците, како и на Демократите.

Американскиот претседател досега одбиваше таква истрага, но западна под притисок откако инспекторот за оружје Дејвид Кеј, кого претседателот самиот го ангажира, ни во дополнителната истрага не успеа да најде никакви траги од оружје за масовно уништување во Ирак. "Претседателот Буш до неодамна беше убеден дека Садам Хусеин има оружје за масовно уништување. Сега се чини дека тој не е толку сигурен" - ваквата телевизиска информација од Вашингтон влијаеше и врз британскиот премиер Тони Блер да го промени ставот и исто така да размислува за проверка на информациите од тајните служби околу наводното ирачко оружје за масовно уништување. Портпарол на премиерот Тони Блер рече денеска во Лондон дека мора да бидат разјаснети "оправданите прашања".

Претходно водачот на конзервативната опозиција Мајкл Хауард побара истрага за тоа дали тајните служби пред војната се измамиле во однос на егзистенцијата на наводното ирачко оружје. "Сега секој согледува дека нешто одело наопаку кај тајните служби", укажа Хауард. "Важно е дали ние во иднина ќе можеме да имаме доверба во разузнавачките материјали. Никој од нас не знае кога нареден пат можеби ќе биде побарано да размислиме за воена акција", вели опозициониот водач. Според медиумски извештаи, кабинетот на премиерот Блер дошол до заклучок дека истрагата е неизбежна, откако готовност за такво нешто искажа и американскиот претседател Џорџ Буш, "Вашингтон сега го диктира политичкиот дневен ред во Велика Британија", изјави надворешнополитичкиот претставник на опозиционите либерални демократи Мензис Кембел.

Шест различни анкети укажуваат на тоа дека позитивниот извештај на судијата Лорд Хатон за "случајот Кели" не ја убедил јавноста. Во една од нив повеќе од половината од испитаниците извештајот го оцениле како еднострано оправдување на владата. Хатон дојде до заклучок дека владата не е соодговорна за самоубиството на експертот за биолошко оружје Дејвид Кели, означен како извор на информации за радио ББЦ, кое ја обвини владата дека ги преувеличала разузнавачките информации за анводниот ирачки воен потенцијал.